Активности



Четврток, 8 ноември 2012 година

Средба на Комисијата за европски прашања со известувачот Ховит

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини, денеска оствари средба со г. Ричард Ховит, известувач на Европскиот парламент за Република Македонија.

Во разговорот беа разменети мислења за постигнатите резултати во однос на  ЕУ реформите во земјата, можностите за разрешување на проблемот за името со соседна Грција,  актуелните  настани во врска со добрососедските односи со Република Бугарија, и во тој контекст за очекувањата  за добивање на датум за почеток на преговори на декемврискиот самит на Европскиот совет, на крајот на кипарското ЕУ претседателство.

Притоа, двајцата соговорници се согласија дека евроинтегративните процеси во земјата мора да продолжат по нагорна линија, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните на Република Македонија, а почетокот на преговорите по поглавјата ќе влијае позитивно и на подобрување на резултатите од ЕУ реформите во земјата, но и пошироко во регионот.

На средбата позитивно беше оценет делот во Резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Република Македонија, во кој се дава препорака за отпочнување на преговорите за ЕУ членство.

Click