Активности



Среда, 23 мај 2012 година

Комитетот за односи меѓу заедниците дава придонес во развојот на мултикултурната и мултиетничката димензија на македонското општество

Заменик-претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците, г-ѓа Маринела Тушева, одржа средба со г-ѓа Барбара Прамер, претседател на Националниот совет на Република Австрија, во врска со односите меѓу заедниците во Република Македонија и зацврстување на политичкиот дијалог по ова прашање преку Комитетот.

На средбата присуствуваа и членовите на Комитетот: г-ѓа Силвана Бонева, г. Талат Џафери, г. Орхан Ибраими и г. Кенан Хасипи, како и Н.Е Томас Михаел Баер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија и Н.Е. Ѓорѓи Филипов, амбасадор на Република Македонија во Република Австрија.

На почетокот на средбата, г-ѓа Тушева ја објасни улогата и составот на Комитетот, притоа истакнувајќи дека во досегашното работење, Комитетот се покажа и потврди дека има голема улога, но и одговорност во остварувањата на општите и посебните права на националните заедници, односно на припадниците на националните заедници.

На тој начин, Комитетот дава придонес во развојот на мултикултурната и мултиетничката димензија на македонското општество за вистински соживот на сите граѓани, а со тоа и јакнење на парламентарната демократија во Република Македонија.

Присутните членови на Комитетот истакнаа дека ги ценат заложбите на Република Австрија за поддршка на Република Македонија по сите прашања и дека очекуваат во иднина да се зајакне позицијата на Комитетот кога се во прашање односите меѓу заедниците.

Претседателот на Австрискиот национален совет говореше за позитивните примери во Република Австрија во врска со реализацијата на индивидуалните и колективни права на етничките заедници и притоа нагласи дека Република Австрија има Закон за етнички заедници кој е во процес на надградба и подобрување.

На крајот од средбата, г-ѓа Маринела Тушева, поздравувајќи ја поддршката на г-ѓа Барбара Прамер, се заблагодари во лично име и во име на сите членовите на Комитет, за интересот и желбата за посета на Македонскиот парламент, посебно за средбата со членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Click