Активности

Четврток, 18 октомври 2012 година

Средба на Комитетот за односи меѓу заедниците со д-р Ласло Ковер, претседател на Парламентот на Унгарија

Претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците, г-ѓа Ермира Мехмети и членовите: г-ѓа Силвана Бонева, г. Ѓорѓи Коџабашиев, г. Васко Мицевски, г-ѓа Цветанка Иванова, г. Оливер Спасовски, г. Орхан Ибраими, г. Амди Бајрам и г. Сафет Бишевац, вчера, на барање на д-р Ласло Ковер, претседател на Парламентот на Унгарија, одржаа средба во врска со надлежностите на Комитетот и неговата улога во остварување на правата на заедниците во Република Македонија. На средбата присуствуваше и Н.Е. Дарко Ангелов, амбасадор на Република Македонија во Унгарија.

На почетокот на средбата, г-ѓа Ермира Мехмети ја објасни улогата и составот на Комитетот, притоа истакнувајќи дека во досегашното работење на Комитетот, истиот се покажа и потврди дека има голема улога, но и одговорност во остварувањата на општите и посебните права на националните заедници, односно на припадниците на националните заедници. Со ова Комитетот дава придонес во развојот на мултикултурната и мултиетничката димензија на македонското општество за вистински соживот на сите граѓани, а со тоа и јакнење на парламентарната демократија во Република Македонија.

Д-р Ласло Ковер говореше за позитивните примери во Унгарија во врска со реализацијата на индивидуалните и колективни права на етничките заедници, се интересираше особено за правата на помалите заедници во Република Македонија и притоа нагласи дека во Унгарија постои Национален совет за малцинства.

Сите присутни членови на Комитетот истакнаа дека ги ценат пријателските односи меѓу двете држави и заложбите на Унгарија за поддршка на Република Македонија во евроатланските интеграции.

На крајот од средбата, претседателот на Комитетот, г-ѓа Ермира Мехмети, се заблагодари во лично име и во името на сите членови на Комитетот, за интересот и желбата за посета на нашиот Парламент и особено средбата со членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Воедно, таа ја поздрави поддршката од д-р Ласло Ковер, кој притоа истакна дека ваквите средби овозможуваат подобро запознавање, што секако значи  попродуктивна натамошна работа и подигање на капацитети на членовите на Комитетот за подинамично работење. 
 
Click