Активности



Вторник, 10 јануари 2012 година

претседателот Вељаноски оствари средба со претседателот на Република Косово, г-ѓа Атифете Јахјага

При денешната посета на Република Косово, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и членовите на Делегацијата, остварија средба со претседателот на Република Косово, г-ѓа Атифете Јахјага.

Претседателот Вељаноски особено го истакна позитивниот тренд во билатералните односи меѓу двете држави во сите сфери. Во тие рамки е и денешната посета на Делегацијата на Македонското собрание и разговорите со колегите од Косовскиот парламент, која ќе даде импулс за натамошен развој на односите меѓу двете држави.

Добрососедските односи меѓу нашите две држави придонесуваат и во целокупната стабилност во регионот и неговата евроатланска перспектива - истакна Вељаноски.

„Кога сме кај евроатланските интеграции, Собранието на Република Македонија е подготвено да ги сподели сите досегашни искуства со нашите колеги пратеници, а исто така Република Македонија е подготвена во сите сегменти да помогне во интегрирањето на Република Косово во ЕУ и НАТО“, додаде претседателот Вељаноски.

Република Македонија, потсети претседателот Вељаноски, одамна ги исполни условите за членството во НАТО, а веќе трета година по ред добива препорака од Европската комисија за добивање на датум за започнување на преговорите.

„Кога зборуваме за македонската евроатланска перспектива, имаме можност заеднички да ги користиме фондовите, особено за модернизација на патната инфраструктура и енергетика“, истакна претседателот Вељаноски.

Претседателот на Република Косово, г-ѓа Атифете Јахјага, потсетувајќи дека Република Македонија меѓу првите ја признала независноста на Република Косово, истакна дека меѓу двете држави нема отворени политички прашања. 

„Задоволна сум што денеска се воспоставува и поинтензивна соработка меѓу двата парламенти, бидејќи на тој начин не само што ги интензивираме билатералните односи, туку вашите искуства ќе бидат од голема корист во процесите на нашите евроатланско интегрирање. Убедена сум дека за целиот регион евроатланските интеграции се единствената иднина “, истакна косовскиот претседател, г-ѓа Атифете Јахјага.

Click