Активности



Вторник, 20 ноември 2012 година, Монтре, Швајцарија

Учество на пратеникот Џеват Адеми на 25. Регионално собрание - Европа на ПСФ

Пратеникот Џеват Адеми, прв потпретседател на Секцијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата (ПСФ), учествува на 25. Регионално собрание - Европа на ПСФ, што се одржува од 19 до 22 ноември 2012 година во Монтре, Швајцарската Конфедерација. На заседанието учествуваат претставници од 18 секции членки на Регионот Европа на ПСФ.

На пратениците им се обратија: г. Жан-Пол Вал, шеф на Мисијата Европа на ПСФ, г. Лоран Верли, претседател на Секцијата на Кантонот во ПСФ и градоначалник на Монтре и г. Жак Лежанр, генерален парламентарен секретар на ПСФ.

Господинот Џеват Адеми имаше обраќање во рамките на дискусијата на тема: „Економско управување со цел да се врати деловната довербата и да се обезбеди одржлив развој“, при што ги презентираше преземените антикризни мерки во Република Македонија што имаат за цел да се подобри квалитетот на живеењето на сите граѓани, да се стимулира одржливиот развој и значително да се подигне конкурентноста на македонската економија.

Потсетувајќи дека во годинешниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, Комисијата по четврти пат ја повтори препораката за добивање на датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, г. Адеми апелираше за поддршка за потврдување на препораката на Комисијата на претстојниот самит на Европската унија.

Се очекува на крајот од заседанието пратениците да усвојат резолуција со препораки за економско управување со цел да се обезбеди одржлив развој.

Парламентарното собрание на Франкофонијата е консултативно собрание на Меѓународната организација на Франкофонијата, во кое членуваат 78 секции на парламенти и парламентарни собранија, групирани во четири региони: Африка, Азија-Пацифик, Америка и Европа.

Собранието ги промовира демократијата, човековите права и правната држава, економската соработка и развој, образованието и комуникациите во франкофонските простори, а подготвува мислења и препораки, иницира и презема активности во врска со слободата и политичките права, меѓупарламентарната соработка и солидарноста меѓу парламентарните институции.

Click