Активности

Среда, 8 февруари  2012 година

ЗАЕДНИЧКА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ И КОМИСИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, денеска ја одржаа својата трета заедничка седница, на која се разгледа Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, ревизија 2012.

На седницата беа поканети претставници од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и амбасадите на земјите-членки на Унијата, присуствуваа г. Роберт Лидел в.д. шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија; Н.Е. Фернандо де Галаинена, амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија; Н.Е. Јозеф Бенц,  амбасадор  на Република Унгарија во Република Македонија и советникот и заменик-амбасадорот г. Атила Пинтер; Н.Е. Фабио Кристиани, амбасадор на Република Италија во Република Македонија; Н.Е. Ален Бергант, амбасадор на Република Словенија во Република Македонија; Н.Е. Јозеф Браун, амбасадор на Чешката Република во Република Македонија; Н.Е. Томас Михаел Баиер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија; г. Валтер Лиуш заменик-шеф на Мисија од Амбасадата на Република Германија; претставникот од  Амбасадата на Република Бугарија во Република Македонија, г.Стелиос Гаврил, советник во Канцеларијата за врски на Република Грција и г-ѓа Марина Курте, советник за европска интеграција и правни прашања во Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, ревизија 2012, ја образложи г-ѓа Теута Арифи, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжена за европски прашања.

НПАА претставува клучен документ за процесот на интеграција во ЕУ, ја одразува динамиката на усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, како и прилагодувањето на националните институции кон европските административни структури.

Ревизијата за 2012 на НПАА претставува петта ревизија по ред, како и претходните години го задржува истиот методолошки концепт во подготовката, содржински ги опфаќа плановите за усогласување на националното со законодавството на ЕУ, потребната динамика за јакнење на институциите и спроведување на законодавството, како и неопходните ресурси за реализација на програмата.

Клучни елементи при ревизијата на НПАА се: наодите од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во процесот за пристапување во ЕУ, обврските од ССА и препораките од ЕК искажани на Комитетот за стабилизација и асоцијација, приоритетите од Одлуката на Советот за принципите, приоритетите и условите содржани во Партнерство за пристапување во ЕУ, стратешките планови на министерствата, Буџетот на Република Македонија за 2012, тековните и планирани проекти за странска помош.

Во 2012 година продолжува фокусот врз јакнењето на владеењето на правото и реформата на јавната администрација, истите продолжуваат да бидат едни од најзначајните предизвици и основни предуслови во процесот на приближување кон членството во ЕУ.

Следејќи го новиот пристап во водењето на преговорите и новиот процес кој се овозможува за поглавјата 23 и 24, што ќе биде воспоставен наскоро, тргнувајќи од поставените приоритетни области најавени во рамките на претпристапниот дијалог, во оваа година напорите ќе се фокусираат кон натамошна изградба на независно и ефикасно судство, борба против корупцијата и организираниот криминал, реформа на јавната администрација, обезбедување на слободата на изразување, меѓуетничките односи и изборната реформа.

Во однос на активностите на Собранието на Република Македонија, кои се голема одговорност на институцијата, се поврзуваат со обезбедување на потребните услови за одвивање на политичкиот дијалог и обезбедување на висок степен на координација, редовна имплементација на одредбите од Законот за Собрание, како и воспоставениот Парламентарен институт, преку пополнување на работните места, да започне да ги дава првите резултати.

Имајќи ја предвид важноста на Охридскиот рамковен договор, за континуирано јакнење на дијалогот меѓу заедниците, ќе се продолжи со неговата имплементација.

Во однос на слободата на изразување и медиуми, ќе продолжи започнатиот дијалог меѓу Владата и медиумите, во насока на надминување на констатираните слабости и особено во делот на декриминализација на кривичните дела клевета и навреда.

Во однос на економските критериуми, продолжуваат напорите за подобрување на деловното опкружување, подобрување на даночната и царинската политика во функција на поддршка на економскиот раст, привлекување на странски директни инвестиции и поттикнување на инвестициската активност.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Советот; г. Хајрула Мисини, претседател на Комисијата за европски прашања и член на Советот; г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот; г. Јани Макрадули и г. Гордан Георгиев, пратеници и  членови на Комисијата за европски прашања; г. Антонио Милошоски, пратеник и член на Советот и г-ѓа Тања Хафнер Адеми, претставник од Граѓанската платформа на Македонија и претставник на Советот.

На заедничката седница, Националниот совет за евроинтеграции со консензус, и Комисијата за европски прашање - едногласно, го усвоија следното Мислење за усвојување на правото на Европската унија во текот на 2012 година:

1. Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања препорачуваат Собранието на Република Македонија и неговите работни тела да дадат приоритет во разгледувањето и донесувањето на законите кои се предвидени во Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2012 година, дадени во Анекс 1;

2. Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања препорачуваат работните тела на Собранието на Република Македонија да ја разгледаат Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2012, во одделите и поглавјата соодветно на областа од надлежност на работните тела;

3. Согласно усвоените заклучоци по повод расправата по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2011 година, Националниот Совет и Комисијата за европски прашања ги повикуваат работните тела на Собранието на Република Македонија да го следат акцискиот план за реализација на препораките од Извештајот за напредокот за 2011 година како и Националната програма за усвојување на правото на Европската унија;

4. Имајќи го предвид Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година како и забелешките во делот на Собранието на Република Македонија, Советот и Комисијата укажуваат на потребата Собранието да продолжи да работи врз основа на дијалог што претставува еден од клучните приоритети од Пристапното партнерство;

5. Со цел поголема инклузивност и транспарентност во процесот на подготовка и донесување на законите кои се предвидени во Националната програма за усвојување на правото на Европската унија за 2012 година, во претстојниот период Националниот совет за евроинтеграции ќе организира јавни расправи за предлозите дадени во Анекс 2.

Во оваа насока Владата на Република Македонија треба да обезбеди редовна пракса на доставување на работни текстови на законите од Анексот 2 од ова Мислење, со цел на Советот да му се обезбеди сериозно анализирање на законските предлози и да достави свои предлози, сугестии и препораки;

6. Националниот совет за евроинтеграции и препорачува на Владата на Република Македонија да организира јавни расправи и консултации со засегнатите страни во тек на изработката на подзаконските акти за важни закони кои се дел од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, согласно одредбите од Деловникот на Владата на Република Македонија, за проценка на влијанието на регулативата со цел подобра имплементација на законите во пракса;

7. Се поздравува реализацијата на Проектот ИПА-ТПП „Техничка помош за Парламентот" финансиран од Европската унија, чија општа цел е да се зајакне институционалниот капацитет на Собранието и уште повеќе да се подобри неговата транспарентност и одговорност пред граѓаните. Серијата на обуки наменети за дел од Службата како и за пратениците, реализирани во рамките на Проектот претставуваат добра основа за подобрување на знаењата и процедурите за работа и може да помогнат во остварување на активна улога на Собранието во пристапните преговори за членство во Европската унија;

8. Имајќи ги предвид надлежностите и целите на Националниот совет за евроинтеграции, важно е да се продолжи да се инвестира во развој на човечките ресурси во Собраниската служба и за службениците од Секторот за поддршка на Националниот совет за евроинтеграции да се овозможат постојани обуки за ЕУ, заради стручно и професионално усовршување;

9. Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања ги повикуваат сите општествени субјекти да дадат свој активен придонес во процесот на усогласување на законодавството на Република Македонија со правото на Европската унија;

10. Со содржината на ова Мислење да се запознаат Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија и истото да биде објавено на интернет-страницата на Собранието на Република Македонија.

дневен редзаписникстенографски белешки

Click