2013



Вторник, 22 јануари 2013 година

ЕВРОПСКА ГОДИНА НА ГРАЃАНИТЕ

На 21 ноември 2012 година беше донесена Одлука на Европскиот парламент и Советот (1093/2012/ЕУ), според која 2013 година во Европската унија е прогласена за Европска година на граѓаните. Во текот на годината преку голем број на манифестации, настани и конференции ќе се охрабрува дијалогот помеѓу владата, граѓанското општество и бизнис секторот, за правата кои произлегуваат од европското државјанство како и да се придонесе во градењето на визијата на ЕУ до 2020 година во однос на правата, политиките и владеењето.

Европската година на граѓаните се одбележува во значајно време, една година пред одржувањето на изборите за Европскиот парламент (во 2014 година), во време на одбележување на дваесет годишнината од воведувањето на европското граѓанство (со стапувањето во сила на Договорот од Мастрихт во 1993 година), како и во време на економска криза кога има потреба да се поттикнат европските граѓани и да се зајакне граѓанската димензија.

Правата на граѓаните на Европската унија се содржани во Договорот за Европската унија, според кој секое лице кое е државјанин на земја-членка на ЕУ е граѓанин на Унијата. Европското граѓанство не го заменува националното државјанство туку го надополнува со права утврдени во Договорот за ЕУ:

  • право на слободно движење и слободен престој на територијата на земјите-членки,
  • право на глас и кандидатура на локални избори и избори за Европскиот парламент,
  • право за поднесување на претставка до Европскиот парламент,
  • право за обраќање до Европскиот народен правобранител,
  • право на конзуларна заштита на територијата на трети земји во која земјата-членка чии што се државјани нема свое претставништво.

Во текот на годините со договорите и секундарното законодавство правата на европските граѓани се прошируваа. Со Договорот од Амстердам кој стапи во сила 1999 година воведно е правото на пристап до документите на институциите на ЕУ. Со Договорот од Ница во 2003 година, зајакнати се одредбите за слободно движење и постојан престој, а со Повелбата за темелните права на ЕУ беа кодифицирани основните права на граѓаните на Унијата. Еднакво правно значење како со основачките договори даде и Лисабонскиот договор кој е во сила од декември 2009 година. Со овој договор се воведоа одредби со кои се настојува да се зголеми учеството на граѓаните во демократскиот живот на Унијата. Преку воведената Европска граѓанска иницијатива, граѓаните имаат право да побараат од Европската комисија да предложи ново законодавство, преку потпишана петиција од најмалку 1 милион европски граѓани од најмалку ¼ од земјите-членки на ЕУ. Според Лисабонскиот договор, Европскиот парламент се состои од претставници на граѓаните на Унијата, со што се нагласува зголемената важност на граѓанството на ЕУ.

За повеќе информации на следниов линк: http://europa.eu/citizens-2013/

Click