2013



Вторник, 26 февруари 2013 година

ПРЕДЛОГ ЗА ОДАНОЧУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКИОТ СЕКТОР

На 14 февруари 2013 година Европската комисија го усвои предлогот за директивата на Советот за спроведување зајакната соработка во областа на данокот на финансиски трансакции (ДФТ).

Клучни цели на данокот на финансиски трансакции се:

-  Зајакнување на единствениот пазар преку намалување на бројот на различни национални пристапи кон оданочување на финансиските трансакции;
- Обезбедување на значителен придонес во јавните приходи од страна на финансискиот сектор; и
- Поддрршка на регулаторни мерки за поттикнување на финансискиот сектор преку новиот данок поради вклучување во поодговорни активности, насочени кон реалната економија.

Во септември 2011 година, Комисијата го претстави предлогот за заеднички систем за оданочување на финансиските трансакции. И покрај интензивните разговори за овој предлог немаше едногласност меѓу 27-те земји-членки. Единаесет земји-членки  испратија писмено барање за добивање на овластување за зајакната соработка во однос на данокот на финансиските трансакции. На 23 октомври 2012 година Комисијата предложи на Советот да одобри зајакната соработка во областа на данокот на финансиски трансакции. Европскиот парламент ја даде својата согласност за предлогот на 12 декември 2012 година и 22 Јануари 2013 година, Советот на Европската унија донесе одлука со која се овластуваат единаесетте земји-членки да продолжат со зајакната соработка, за заеднички систем на оданочување на финансиските трансакции.

Минималната стапка на оданочување за дериватите ќе изнесува 0,01% и 0,1% за секоја друга трансакција, вклучувајќи купувања на акции и обврзници. Земјите-учеснички можат слободно да воведат и повисоки стапки. Како и во оригиналниот предлог, ДФТ нема да важи за секојдневните финансиски активности на граѓаните и бизнисите (на пример заеми, исплати, осигурување, депозити и сл), со цел да се заштити реалната економија.

Проценетите приходи од данокот се движат од 30 до 35 милијарди евра годишно, а дел од нив би можеле да одат во буџетот на унијата. Остатокот од даночните приходи ќе оди во националните буџети, за искористување како и другите даночни приходи – намалување на долгот или инвестирање во раст и работни места.

Предлогот ќе биде разгледан од страна на земјите-членки, со цел негово спроведување под засилена соработка. Сите 27 земји-членки на ЕУ можат да учествуваат во дискусиите за овој предлог. Сепак, само земјите-членки кои учествуваат во зајакнатата соработка ќе имаат право на глас, а одлуката мора да се донесе едногласно пред да биде спроведена. Исто така ќе биде консултиран и Европскиот парламент.

Целосен текст на предлогот на следниов линк:
http://ec.europa.eu/taxation_customs/taxation/oher_taxes/financial_sector/index_en.htm

Click