Активности



Четврток, 9 мај 2013 година

Дваесет и петта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и петтата седница, одржана на 7 мај 2013 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за надзор на пазарот (прво читање);
  2. Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2012 година;
  3. Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2012 година.

- Образложение на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за надзор на пазарот, даде претставникот на предлагачот, Билјана Д. Стојановска, државен советник во Министерството за економија.

Предложените измени и дополнувања се предлагаат врз основа на скринингот даден од Европската комисија на основниот текст на Законот за надзор на пазарот, којшто за првпат е донесен во 2010 година. Препораките се дека треба да дојде до негово системско доуредување.

Беше истакнато дека Министерството за економија оценило дека препораките од Европската комисија се доста издржани и усогласувањето согласно со хармонизирањето на европското право и хармонизацијата на правото на Европската унија, претставуваат два основни постулати врз основа на коишто треба да се направат измени и дополнување на Законот за надзор на пазарот.

Претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, во своето излагање истакна дека се работи за исклучително важен Закон којшто ги регулира директивите и внесува одредени квалитативни измени во стопанството.

Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Образложение на Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2012 година, во својство на претставник на предлагачот, даде г. Благој Чурлинов, претседател на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Беше истакнато дека КЗК го спроведува Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за контрола на државна помош. Функциите и активностите на КЗК се групирани во три столба: откривање на прекршоци, откривање на фирми кои се доминантни на пазарот и истата ја злоупотребуваат, и оценка на спојување на фирмите со цел да не се создаваат нови доминантни фирми.

Понатаму, г. Чурлинов истакна дека во 2012 година КЗК изготвила анализа на банкарскиот сектор и анализа на пазарот за реклами во електронските комуникации. Исто така, Комисијата работела на мислења за законски проекти.

Во расправата учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, членовите: г. Марјанчо Николов и г. Николче Ацевски, како и заменик-членот, г. Ердоган Сарач.

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања, со мнозинство гласови, го усвои следниов Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2012 година;
  2. Овој заклучок, заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања, да се достави до Комисијата за заштита на конкуренцијата и до Владата на Република Македонија.

- Во однос на Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2012 година, пошироко образложение даде претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, г. Димитар Петров, кој истакна дека тој е концепиран по основ на новите упатства од страна од Законот за енергетика.

Во извештајот е даден преглед на активностите реализирани од страна на Регулаторната комисија за енергетика, со посебен осврт на состојбите поврзани со регулирањето на тарифите и цените, изготвувањето на регулативата, активностите ма меѓународно ниво и преглед на финансиското работење на Регулаторната комисија за енергетика.

Во претресот учествуваа: претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, членот на Комисијата, г. Марјанчо Николов и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, г. Димитар Петров.

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, со шест гласа „за“ и два „воздржани“, заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  1. Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2012 година и го достави до Собранието на Република Македонија да го разгледа и усвои на својата седница.
  2. Овој заклучок, заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања, да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.
Click