Активности



Петок, 10 мај 2013 година

Дваесет и шеста седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на денешната Дваесет и шеста седница, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа: Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за стечај.

Образложение на Предлог-законите даде министерот за економија, г. Ваљон Сараќини.

Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, беше истакнато дека главните измени се во правец на усогласување со Законот за јавно приватно партнерство. За прв пат ќе има енергетски пасош, односно сите јавни институции во рок од три години ќе треба да направат енергетска контрола.

Во образложението по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за стечај г. Сараќини истакна дека се работи за големи реформи во сферата на стечајот.

Целите на измените и дополнувањата се во правец на подобрување на бизнис климата и условите на пазарот, особено во реалниот сектор.

Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стечај ќе дојде до забрзување на стечајната процедура.
Начинот и постапката за претворање на пари на имотот од стечајната маса по електронски пат го пропишува министерот за економија со правилник кој ќе биде донесен во рок од 6 месеци од влегување во сила на овој Закон.

За прв пат во Република Македонија се воведува електронско бирање на стечаен управник. Исто така, ќе се врши и специјализација на стечајните управници за водење и реорганизација пред стечај по посебна програма и полагање на испит за добивање на сертификат за специјалноста. Се воведуваат одредби за стечајна постапка од мала вредност и се предвидува реорганизација пред отворање на стечајна постапка и деловниот потфат.

Во претресот учествуваше претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, која истакна дека се работи за исклучително важно поглавје во стопанството. Посебен акцент беше даден на измената во однос на воведување на кварталните извештаи за стечајните постапки, бидејќи истата ќе даде правилна слика за стечаите кои беа долг временски период.

  • Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за економски прашања едногласно по двата Предлог-закони заклучи дека се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click