Активности



Вторник, 14 мај 2013 година

Дваесет и седма седница на Комисија за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на денешната Дваесет и седма седница, како матично работно тело, по скратена постапка, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва.

Образложение на Предлог-законите даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, г. Христијан Делев.

Целта заради која се изготвува Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица е стимулирање на електронската регистрација на фирмите во Република Македонија, преку намалување на трошоците за регистрирање на истата, како и олеснување и поедноставување на административните процедури за регистрирање трговско друштво или трговец поединец. Целта е подобрување на бизнис климата во Република Македонија, како и дадените насоки од Светска банка.

Врз основа на член 149 став 2 од Деловникот за Собрание на Република Македонија, Комисија за економски прашања поднесе три амандмани, кои едногласно ги усвои и го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за возила, се преземаат мерки за пролонгирање на рокот на постапката за утврдување на сопственички статус на трактори и тракторски приколки, односно нивна легализација, како и рокот за регистрација на истите.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Комисијата за економски прашања го проследи Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за возила на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, беше истакнато дека предложените измени и дополнувања се по препорака од Светска банка сè со цел подобрување на деловната клима во Република Македонија.

Целта е олеснување на административната постапка за упис во трговскиот регистар на правни лица преку стимулирање на системот за електронска регистрација на фирмите во Република Македонија.

Вториот дел е подобрување и заштита на правата на малцинските акционери во случај на постоење на сомневање за можни нерегуларности при работењето на акционерското друштво.

Третиот дел е пролонгирање на рокот за доставување на годишните сметки до Централниот регистар, каде што истите ќе може да се поднесуваат до 15 март наредната година.

Четврти дел е воведување на обврска за средните и за големите трговци, годишните сметки задолжително да ги доставуваат во електронска форма.

Последниот дел на предложените измени и дополнувања е продолжување на рокот на веќе донесената регулатива за бришење на неактивните субјекти. Од страна на судовите побарано е овој рок да биде продолжен од 60 на 120 дена, како истите би можеле да ги опфатат сите неактивни субјекти кои повеќе од 15 години се неактивни.

Врз основа на член 149  став 2 од Деловникот за Собрание на Република Македонија, по Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва, Комисијата за економски прашања поднесе два амандмани и истите едногласно ги усвои.

Комисијата и овој Предлог на закон го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click