Активности

Среда, 26 јуни 2013 година

Дваесет и деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Дваесет и деветта седница, како матично работно тело, во прво читање, го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика.

Потребата од донесување на закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика ја образложи претставникот на Владата на Република Македонија, м-р Ардиан Џеладини, заменик-министер за финансии.

Беше истакнато дека изготвувањето на Предлог-законот произлезе како резултат од потребата за зајакнување на улогата на Државниот завод за статистика, како координатор на статистичкиот систем на земјата.

Предлог-законот има за цел натамошно допрецизирање на дефинициите и категориите кои се употребуваат во законот, како и на создавање на законски претпоставки за зголемување на опфатот и квалитетот на статистичките податоци кои се прибираат од извештајните единици.

Воедно, со допрецизирање на улогата на Државниот заводот за статистика, како координатор на статистичкиот систем на земјата, се зајакнува улогата на заводот, како и довербата на јавноста во однос на квалитетот на податоците кои ги произведува не само Заводот, туку и овластените носители.

Со предложените измени и дополнувања, посебно со допрецизирање на категоријата доверливост, се воведува нов концепт на заштита на индивидуалните податоци.

Основни решенија на предложените измени и дополнувања се допрецизирање на категории кои се употребуваат во законот, допрецизирање на делот од законот кој се однесува на збирките на податоци, попрецизно и посеопфатно дефинирање на категоријата доверливост на податоци од аспект на статистиката, зајакнување на улогата на Државниот завод за статистика како координатор на статистичкиот систем на земјата, допрецизирање на одредбите кои се однесуваат на користење на статистичките податоци за научно-истражувачки цели, објавување на официјалните статистички податоци, како и на давањето на доверливи податоци без идентификации на трети лица, меѓународната дисеминација на статистички податоци и воведување на надзор над примената  и спроведувањето на одредбите на овој закон.

Беше истакнато дека се воведува и надзор во функција на одговорноста на извештајните единици и одговорните лица од Државниот завод за статистика. Засилувањето на надзорот во значителна мера ќе го подобри добивањето на целосни, точни и навремени податоци од овие единици.  

Во претресот учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, членовите г. Марјанчо Николов и г. Газменд Алији, како и заменик-министерот за финансии, г. Ардијан Џеладини.

Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за економски прашања, со шест гласа „за“ и два „против“, заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click