Активности

Четврток, 18 јули 2013 година

Триесет и втора седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на 32. седница, одржана на 17 јули 2013 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

Предлогот на закон за индустриски-зелени зони
Предлогот на закон за изменување на Законот за јавните претпријатија
Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва
Потребата од донесување на законите ја образложи министерот за економија, г. Ваљон Сараќини.

Во однос на Предлогот на закон за индустриски-зелени зони беше истакнато дека се работи за нов Предлог на закон со кој се овозможува формирање на вакви зони во општините, односно единиците на локалната  самоуправа, со основна цел  да  се забрза економскиот развој на општината со привлекување на странски и домашен  капитал со што  би се овозможил развој не само на општината туку и воопшто економијата на Република Македонија, како и зголемување на конкурентноста и вработувањето. 

Со формирањето на вакви зони се овозможува самостојно менаџирање и располагање со земјиштето врз основа на претходно донесена соодветна урбанистичко-планска документација  согласно законот за просторно и урбанистичко планирање по исполнување на определени просторни, енергетски, технички и други услови.

Со законот се овозможува деловните субјекти градежното земјиште кое е предмет на отуѓување во Единицата на локална самоуправа да се добие по почетна цена од едно евро во денарска противвредност по метар квадратен за градежното земјиште кое е предмет на отуѓување.

Примарната цел на Предлог законот за изменување на Законот за јавните претпријатија е да сe изврши прецизирање на одредбите од истиот во однос на статусот на вработените во јавните претпријатија во однос на тоа кои од нив ќе имаат според своите надлежности на работење статус на јавни службеници и ќе се применува Законот за јавните службеници, а за кои  ќе важат одредбите од Законот за работни односи – образложи министерот за економија, г. Ваљон Сараќини.

Имено, со Предлог законот се менува член 37 во насока на  тоа што вработените во јавните претпријатија кои вршат работи од јавен интерес согласно закон добиваат статус на јавни службеници.  Вработените кои вршат работа од административна природа, помошни и технички работи нема да имаат статус на јавни службеници. Нивните права, обврски и одговорности ќе се применуваат преку Законот за работни односи.

Министерот за економија, г. Ваљон Сараќини по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва образложи дека целта заради која се изготвува и донесува овој закон е трансформирање на заемот и дополнителната доплата во влог  во друштвото за трговско друштво кое е во негова целосна сопственост, или од друго трговско друштво основано од содружникот, односно акционерот на трговското друштво во целосна негова сопственост. Со предвидените законски решенија се воведува правен основ за давање можност на домашни и странски, физички и правни лица, дадениот заем односно дополнителна доплата да ги трансформираат во влог во друштвото. Оваа можност треба да биде наменета само за трговското друштво коешто е во целосна сопственост на заемодавецот или од друго трговско друштво основано од содружникот односно акционерот на трговското друштво во целосна негова сопственост.

Беше истакнато дека во делот „Влогови во основната главнина“, се утврдува дека во составот на влоговите кај поврзаните друштва ќе можат да влезат и заемите, односно дополнителните доплати, покрај сега предвидениот состав на влогот од пари, од ствари и од права кои што имаат имотна вредност. Во делот „Должност за уплата на влогот“ регулирано е дека обврската за плаќање на паричниот влог не може да се пребива со побарување спрема друштвото. Заради постигнување на можноста за трансформирање на заем и дополнителни доплати во влог во ДОО, со ова интервенирање  ќе се направи исклучок од ова правило. Во делот „Дополнителни доплати“ е регулирано дека дополнителните доплати не ги зголемуваат влоговите на содружниците, како ни основната главнина на друштвото. Постигнувањето на можноста за трансформирање на дополнителна доплата во влог во друштвото е дадено токму со ова дополнување.

Ова последователно значи дека трансформираната дополнителна доплата во влог во друштвото доведува до зголемување на основната главнина, поради што се предлага исклучок од ова правило. Во делот „Основна должност на акционерот“, утврдено  е дека акционерот не може побарувањата спрема друштвото да ги пребива со уплатите на акциите, ниту може над непаричните влогови да остварува право на задржување. Заради постигнување на можноста за трансформирање на заемот во влог во акционерското друштво потребно е токму во овој став да се даде исклучок од предвиденото правилото. Во  делот „Зголемување на основната главнина со влогови“, регулирано е плаќањето на новоиздадените акции за зголемување на основната главнина, покрај можноста да биде во пари и внесување непарични влогови, со предложените измени и дополнувања се предвидува да биде и со заем кој се трансформира во влог во  друштво, според постапка предвидена во овој закон.

На крајот од расправата, Комисијата одлучи дека Предлог на законите во прво читање се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click