Активности



Понеделник, 16 септември 2013

Триесет и петта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на денешната 35. седница, како матично работно тело, во прво читање, го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија.

Потребата од донесување на Предлог-законот ја образложи г. Анче Трифунов, државен секретар во Министерството за економија. Беше истакнато дека предложените измени се состојат од шест члена.

Со членот 1 од предложените измени и дополнувања се воведува нова услуга на правните субјекти „Потсетник за истакнување на лиценца за продажба на алкохолни пијалоци на трговијата на мало“, којашто ја издава Министерството за економија. Законска обврска ќе биде Министерството за економија 30 дена пред изминување на рокот на важноста на претходно издадена лиценца да го потсети носителот на лиценцата за периодот на важноста за истата.

Во втората измена станува збор за допрецизирање на законските одредби. Законот за трговија утврдува дека трговецот на мало при продажбата на алкохолни и енергетски пијалоци и цигари е должен да ја утврди возраста на купувачот и се предвидува дека начинот на утврдување на возраста на лицата од ставот 1 на член 24 ќе се пропише од страна на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трговијата.

Третата измена е во членот 49 во делот на прекршоците. На предлог на Државниот пазарен инспекторат е утврдено дека одредени прекршоци има потреба да бидат изземени од процесот на едукација.

Четвртата измена е во делот на усогласувањето на казнените одредби кои се во членот 57, став 2 во основниот Закон со што се усогласува со материјалната одредба од членот 24-а. Во материјалните одредби на членот 24-а не е предвидена прекршочна постапка за енергетски пијалоци доколку се продаваат после времето коешто е утврдено согласно Законот.     

Во претресот учествуваа членовите на Комисијата за економски прашања г. Стојко Пауновски и  г-ѓа Јулиета Марку, пратеникот Самка Ибраимоски и г. Анче Трифунов.

Комисијата за економски прашања со шест гласа „за“ и два „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click