Активности



Среда, 13 февруари 2013 година

Педесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Педесет и четврта седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит, по скратена постапка;
  2. Предлогот на закон за дополнување на Законот за експропријација, по скратена постапка;
  3. Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за Проектот за подобрување на постоечката регионална и општинска патна мрежа, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, по скратена постапка;
  4. Предлогот на закон за мирување и отпишување на обврски по основ на придонеси за задолжително здравствено осигурување кои настанале до крајот на 2008 година, по скратена постапка;
  5. Предлогот на закон за отпишување на камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување, по скратена постапка.
  6. Предлогот на закон за дополнување на Законот за денационализација  (прво читање);
  7. Предлогот на закон за регулирање на дел од долгот кон Обединетата банка на Швајцарија (прво читање);
  8. Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2013 година.

- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит, го образложи претставникот на Владата, министерот за транспорт и врски, г. Миле Јанакиески.

Тој истакна дека основна цел на предложените измени и дополнувањa на Законот за субвенционирање на станбен кредит е доуредување на моделите на субвенција за субвенционирање на станбен кредит за изградба на нова куќа, а се овозможува и добивање на субвенциониран станбен кредит кога корисникот има куќа во негова сопственост, во сопственост или заедничка сопственост со брачниот другар или во сопственост на брачниот другар на територијата на Република Македонија, а ќе ја сруши заради изградба на поголема куќа за потребите на сопственото домување.

Со предложеното решение се доуредуваат моделите на субвенција кои се однесуваат на изградба на куќа, така што ќе се субвенционира 75% од месечниот ануитет во првите пет години од неговата отплата за изградба/купување на нова куќа или 75% од учеството за куќата кое не смее да надмине 25% од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит т.е. не повеќе од 9.375 евра во денарска противвредност.

Со измените и дополнувањата се предлага во случај на предвремена доброволна отплата на субвенционираниот станбен кредит по истекот на десеттата година од отплатата на кредитот, средствата за субвенциониран кредит да бидат неповратни.

Претседавачот на Комисијата, г-ѓа Владанка Авировиќ, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи.  

Комисијата го проследи овој Предлог на закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело и Законодавно-правната комисија го разгледаа Предлогот на закон за дополнување на Законот за експропријација и водеа претрес по амандманот поднесен од овластени предлагачи.

Во Дополнетиот предлог на закон  за дополнување на Законот за експропријација вграден е Амандманот на член 1 во новиот член 44-а  став 2 поднесен од пратениците Владанка Авировиќ, Лилјана Кузмановска, Реџаиљ Исмаили, Светлана Карапетрова и Драган Настески.

- Образложувајќи го Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за Проектот за подобрување на постоечката регионална и општинска патна мрежа, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, министер Јанакиески истакна дека основна цел на предложениот закон е непречено имплементирање на тековниот Проект за подобрување на постоечката регионална и општинска патна мрежа. Вкупниот износ на заемот од Европската банка за обнова и развој е 50.000.000 евра.

Претседавачот Авировиќ, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Министерот Јанакиески во образложението на Предлогот на закон за мирување и отпишување на обврски по основ на придонеси за задолжително здравствено осигурување кои настанале до крајот на 2008 година, рече дека основна цел на законот е да се овозможат услови за мирување и отпишување на обврските по основ на придонеси за задолжително здравствено осигурување кои настанале до крајот на 2008 година кои се акумулирани во изминатиот период и кои претставуваат значително оптоварување во работењето на деловните субјекти. На овој начин, во услови на економска криза, се очекува да се влијае позитивно врз економското закрепнување на стопанството. 

Претседавачот на Комисијата ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија не се поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието.

- Во врска со Предлогот на закон за отпишување на камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување, министерот за транспорт и врски истакна дека основна цел на законот е да се овозможат услови за отпишување на камата по основ на придонеси која е акумулирана во изминатиот период и која претставува значително оптоварување во работењето на деловните субјекти.

Претседавачот Авировиќ ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија не се поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието.

- Во образложението на Предлогот на закон за дополнување на Законот за денационализација, министерот Јанакиески истакна дека основното решение што се предлага со законот  е дополнување  на член 22-б  во насока градежното земјиште на кое со урбанистичките планови  кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација е предвидена изградба на добра во општа употреба, објекти за потребите на одбраната и безбедноста или изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон,  да не се  враќа во сопственост, туку за истото да се дава надомест.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање во Собранието.

- Во однос на Предлогот на закон за регулирање на дел од долгот кон Обединетата банка на Швајцарија, претставникот на Владата истакна дека со него се уредуваат односите меѓу Република Македонија и Обединетата банка на Швајцарија која се стекна со 71.067.000 САД долари од главнината по основ на издадените АПИ обврзници.

Република Македонија презема 4,26% од главнината, односно го презема делот од долгот чии крајни корисници се македонски претпријатија  (2,7 милони САД долари) и 5,4% од неалоцираниот долг (338 илјади САД долари). Согласно предлогот, Република Македонија презема и дел 3,1034% од пристигнатата а неплатена редовна камата на вкупниот долг кон Обединетата банка на Швајцарија, додека казнената камата и каматата на камата се отпишуваат. Вака утврдениот долг, Република Македонија ќе го отплати по пат на порамнување  со дел од депозитите на Република Македонија во Обединетата банка на Швајцарија.

Комисијата за финансирање и буџет едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Воведно образложение по Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2013 година, даде претседателот на Советот на експерти, г. Климе Попоски.

Тој истакна дека Финансискиот план е изготвен согласно проекциите на Агенцијата за супервизија на осигурување  за изворите на финансирање, односно приходите со кои се финансира Агенцијата.
Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2013 година.
  2. Овој заклучок, заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Click