Активности



Вторник, 19 февруари 2013 година

Педесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на денешната Педесет и шеста седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за отпишување на камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување (по скратена постапка).  

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде заменик-министерот за финансии, г. Ардијан Џеладини. 
Тој истакна дека Владата на Република Македонија ги следи состојбите во економијата и редовно презема активности за создавање на позитивна клима преку која се олеснува  работењето на економските субјекти и се развива пазарната економија.
Република Македонија е отворена економија и поради тоа негативните надворешни влијанија имаат ефект и врз домашното стопанство. Негативните ефекти предизвикани од глобалната економска и финансиска криза се пример за тоа и истите се одразуваат и на работењето на бизнис секторот во Република Македонија.

Заради ублажување на овие ефекти, во изминатиот период се донесени повеќе антикризни мерки кои имаат за цел да создадат поволна клима во работењето на реалниот сектор во новонастанатите околности.

Од истите причини, следејќи ги состојбите кои влијаат негативно врз деловните активности на субјекти, Владата на Република Македонија одлучи да предложи до Собранието на Република Македонија донесување на Закон за отпишување на камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување.

Овој Предлог на закон, пред сè има за цел да овозможи намалување на финансиското оптоварување на деловните субјекти преку ослободување од обврската за плаќање на каматите по основ на неплатени придонеси од задолжително социјално осигурување, од кои најголем дел се акумулирани во периодот на кризата.

На овој начин, преку откажување на делот од долгот кој настанал по основ на камата, покрај тоа што  се намалува оптоварувањето, се создаваат и околности за редовно сервисирање на тековните обврски кои настануваат по овој основ.
Со оглед на наведеното, се предлага донесување на Закон за отпишување на камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување.

Претседавачот на Комисијата, г-ѓа Владанка Авировиќ, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија не се поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Комисијата го проследи Предлогот на законот за отпишување на камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување, на натамошна постапка во Собранието.

Click