Активности



Среда, 10 април 2013 година

Педесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Педесет и осма седница, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост;
  2. Предлогот на закон за преземање на акционерските друштва.

Воведно образложение по Предлог-законите даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини, а во претресот учествуваше пратеникот Марјанчо Николов.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, тој истакна дека со донесувањето на предложените измени и дополнувања се воведува можност со која Владата на Република Македонија може да одлучи стоката за која е докажано дека повредува право од интелектуална сопственост, бесплатно да се отстапи на државен орган, по претходно добиена согласност од носителот на право, исполнување на условите за ослободување на обврската за плаќање на увозни давачки, како и исполнување на условите дека предметната стока не е во спротивност со прописите за безбедност на производите.

Со предложените измени на законот, се пропишува и прекршочна одговорност за лицата (правни и физички) кои ќе внесат или изнесат или се обидат да внесат или изнесат во и од царинското подрачје стока која повредува иста трговска марка која од нив веќе еднаш била одземена поради повреда на право од интелектуална сопственост.

Оваа измена е со цел да се санкционира зачестената појава едно исто лице да помине неказнето преку спроведувањето на поедноставена постапка која најчесто се практикува при откривање на случаите со повреда на правата од интелектуална сопственост, а особено што ова дејствие не може да се подведе под обележјата на кривичното дело „измама на купувачи” предвидено со одредбите на член 248 од Кривичниот законик.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за преземање на акционерските друштва, г. Џеладини истакна дека причината поради која се предлага е потребата од натамошно усогласување со Директивата 2004/25/ЕЗ за понуди за преземање, јакнење на заштитата на сопствениците на хартии од вредност, пред сè малцинските акционери во компаниите кои се предмет на преземање и воспоставување на јасни и транспарентни правила при преземање на акционерските друштва.

Инаку, донесувањето на Законот за преземање на акционерските друштва е со цел подобрување на постојната законска регулатива и усогласување со Европското законодавство.

Предлогот на овој закон се заснова врз следните основни начела: транспарентност при спроведување на понудата за преземање, зајакнување на заштитата на малцинските акционери во компании кои се предмет на преземање, подобрување на деловната клима во Република Македонија, како и усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ.

Основни решенија на предложениот закон за преземање на акционерските друштва се: пропишување на случаите кога се создава обврска за давање на понуда за преземање, пропишување на исклучоците од обврската за давање на понуда за преземање, начинот на утврдување на цената по која преземачот ќе ги купува хартиите од вредност и начинот на плаќање на тие хартии од вредност, како и пропишување на постапката за спроведување на понудата за преземање (добивање на дозвола за спроведување на понудата за преземање, објава на проспект во кој детално се наведени сите информации поврзани со понудата за преземање, начин на објавување на понудата за преземање во јавност, објавување на мислење на одборот на директори на целното друштво во врска со понудата  за преземање во кое е земено предвид и мислењето на вработените во целното друштво, објава на резултатите од спроведување на понудата за преземање и утврдување на овластувањата кои ги има собранието на акционери на целното друштво во периодот кога е дозволено прифаќање на понудата, како и уредување на правило на неутралност кое подразбира органот на управување на целното друштво да не може да спроведува одредени активности без донесена одлука на собрание на акционери во период од објавувањето на намерата на преземачот за преземање на друштвото до објавувањето на исходот на понудата за преземање.

Комисијата со осум гласа „за“ и два „воздржани“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click