Активности



Петок, 10 мај 2013 година

Шеесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Шеесетта седница, како матично работно тело го разгледа Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2012 година. Воведно образложение по Годишниот извештај даде г-ѓа Маја Малахова, претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Таа истакна дека во овој извештај се содржани податоци за работењето на Комисијата во 2012 година, како и компаративни податоци во однос на 2009, 2010 и 2011 година.

Антикорупциското дејствување на Државната комисија се состои во брза и ефикасна правна заштита како основна функција на институцијата, развој на толкувањето на прописите за јавните набавки, креирање и објавување на правната пракса, транспарентно работење и учество во процесот на едукација на корисниците.

Државната комисија во целост ги реализирала активностите предвидени за 2012 година, пред сè во однос на транспарентноста во работата на институцијата и намалување на рокот за решавање по жалбите во постапката за правна заштита.

Голем чекор кон зголемување на транспарентноста во јавните набавки е направен со прописите за електронски систем за јавни набавки, кој се спроведува преку Бирото за јавни набавки и со спроведувањето на електронски аукции.

Одобрените средства на Комисијата со Буџетот на Република Македонија за 2012 година изнесуваат 11.600.000 денари и истите не се доволни за нејзино функционирање како самостоен државен орган. Потребни се средства за кадровското доекипирање на Државната комисија, опремување  на административно-деловните простории со основните средства за работа, како и за стручно усовршување на вработените.

Во текот на 2012 година до Државната комисија за жалби по јавни набавки се пристигнати и оформени вкупно 585 предмети. Решен е 561 предмет, додека поради некомплетна документација нерешени и пренесени во 2013 година се вкупно 24 предмети.

Според податоците добиени од Бирото за јавни набавки, во 2012 година биле објавени вкупно 11.689 огласи за јавни набавки, од кои биле обжалени 561 или 4,8 %. 

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г-ѓа Владанка Авировиќ и г. Реџаиљ Исмаили.

Врз основа на расправата, Комисијата за финансирање и буџет едногласно заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  • Собранието на Република Македонија го разгледа Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2012 година;
  • Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достават до Државната комисија за жалби по јавни набавки, Владата на Република Македонија и Министерството за финансии.
Click