Активности



Понеделник, 13 мај 2013 година

Шеесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Шеесет и првата седница, одржана на 10 мај 2013 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања и Предлогот на закон за дополнување на Законот за данокот на добивка. Образложение на Предлог-законите даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини.

По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, г. Џеладини истакна дека основна цел на предложените измени и дополнувања е пропишување на правен основ кој ќе овозможи постојана електронска комуникација на деловните објекти на даночните обврзници со УЈП и следење на готовинскиот промет во реално време преку интегриран автоматски систем за управување.

Воспоставувањето на постојаната електронска комуникација има за цел да придонесе кон унапредување на веќе воспоставениот систем на контрола за целите на регистрирање на готовински плаќања.

Се очекува предложеното решение да влијае позитивно на подобрувањето на фискалната дисциплина кај даночните обврзници, што е стратешка определба на Министерството за финансии.

Истовремено, со Предлогот на законот се пропишува содржината на фискалната сметка и изгледот на фискалното лого - идентификациска ознака отпечатена на секоја фискална сметка со сонце и пораката „да купуваме македонски производи“, „за наше добро“, „made in Macedonia“, со што ќе се стимулира потрошувачката на домашни производи и зголемување на домашното производство.

Во претресот учествуваа пратениците:  г. Марјанчо Николов, г. Ромео Тренов и г. Самка Ибраимоски.

Комисијата со  6 гласа „за“, 1 „против“ и 2 „воздржани“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања  е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Во однос на Законот за данокот на добивка ("Службен весник на Република Македонија", бр.80/93, 33/95, 43/95, 71/96, 5/97, 28/98, 11/01, 2/02, 44/02, 51/03, 120/05, 139/06, 160/07, 159/08, 85/10, 47/11 и 135/11), заменик-министерот истакна дека се воведува данокот на добивка и се уредува начинот на оданочување на добивката на обврзниците-правни лица кои се основани и имаат седиште на територијата на Република Македонија (резиденти) за добивката која ја остваруваат во земјата и странство, плаќањето на данокот по одбивка, односно задржувањето на данок на приходите кои што ги остваруваат странските правни лица, како и нерезиденти кои имаат своја постојана деловна единица за добивката што ја остваруваат на територијата на Република Македонија.

Во членот 11 став 1 точка 16 од овој Закон, пропишано е дека за оданочиви расходи и помалку искажани приходи се сметаат и трошоците на кало, растур, крш и расипување над нормираните износи утврдени за соодветната гранка, под услов истите да не се настанати како резултат на вонреден настан или виша сила.

Со цел да се донесат овие нормативи, потребно е да се пропише правен основ за донесување на подзаконски акти со кои ќе се утврдат нормативите за дозволената висина на  кало, растур, крш и расипување на пооделни стоки.

Комисијата со  6 гласа „за“ и 4 „воздржани“ заклучи дека Предлогот на закон за дополнување на Законот за данокот на добивка  е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click