Активности



Вторник, 14 мај 2013 година

Шеесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и втората седница, одржана денеска, како матично работно тело, по скратена постапка, ги разгледа:

  • Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за Проектот за изградба и инсталација на електронски систем на наплата на патарини долж Коридорот Х, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта;
  • Предлогот на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за изградба на автопатот на Коридорот X, на делницата Демир Капија – Смоквица.

Образложение на Предлог-законите даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини.

Тој истакна дека со реализација на Проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини долж Коридорот Х, ќе се модернизира системот за наплата на патарини преку инсталација на електронски систем за наплата на патарини на пет постоечки станици за наплата на патарина долж Коридорот Х (Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и Градско) и изградба и опремување на четири нови станици за наплата на патарина.

Со тоа ќе се подобри наплатата на патарините во функција на зголемување на обемот на приходи на ЈП за државни патишта и нивно користење за подобрување на нивото на одржување на патната мрежа во земјава.

Со предложениот Закон, Република Македонија го гарантира намирувањето на обврските и исполнувањето на одредбите од Договорот за заем, во износ од 15.880.000 евра. Сервисирањето на заемот ќе го врши Јавното претпријатие за државни патишта од приходите кои ги остварува. Заемот ќе биде доделен на ЈП за државни патишта со рок на отплата од 12 години и вклучен грејс период од една  година. 

Заменик-министерот за финансии истакна дека помеѓу Република Македонија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) потпишан е Договор за заем за реализација на Проектот за изградба на автопатот на Коридор Х, на делницата Демир Капија – Смоквица, во износ од 107.000.000 евра.

Проектот го сочинуваат две компоненти, и тоа: изградба на автопат Коридор X од Демир Капија до Смоквица во износ од 91.120.000 евра и изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини во износ од 15.880.000 евра.

Со обезбедување на ефикасна инфраструктура ќе се придонесе за намалување на трошоците на возење и заштеда на време преку олеснување на протокот на возила.

Обезбедувањето на хомогена инфраструктура ќе има позитивно влијание и на меѓународниот проток на возила и трговската размена, како и транзитирањето низ земјата.

Со доизградбата на оваа алка во должина од околу 28 км, ќе се обезбеди поврзување на главните урбани, индустриски и трговски центри долж Коридорот X во рамките на регионот и пошироко во Европа. 

Претседателот на Комисијата, г. Марјанчо Николов, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по двата Предлог-закони не се поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата за финансирање и буџет ги проследи Предлог-законите на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click