Активности



Вторник, 21 мај 2013 година

Шеесет и трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Шеесет и трета седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за дополнување на Законот за данокот на добивка (второ читање);
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања (второ читање);
  3. Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, персонален данок на доход, данок на добивка и придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во траен влог во Друштвото Фабрика за шински возила „Велес“ ДООЕЛ - Велес (прво читање).

Претседателот на Комисијата, г. Марјанчо Николов, ги извести пратениците дека по Предлог-законот за дополнување на Законот за данокот на добивка, во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи овој Предлог на закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, Комисијата водеше претрес по 4 амандмани, истите едногласно ги усвои и го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Образложение на Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, персонален данок на доход, данок на добивка и придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во траен влог во Друштвото Фабрика за шински возила „Велес“ ДООЕЛ – Велес, даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини.

Тој истакна дека согласно член 10 од Законот за трансформација на ЈП „Македонски железници“ Ц.О. Скопје („Службен весник на Република Македонија“ број 29/05), основачкиот влог и уделите во Друштвото Фабрика за шински возила „Велес“ ДООЕЛ-Велес ги презема Владата на Република Македонија како државен капитал.

Со предложениот закон, побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, персонален данок на доход, данок на добивка и придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, како и камати, ќе се конвертираат во траен влог во Друштвото Фабрика за шински возила „Велес“ ДООЕЛ-Велес, со што ќе се зголеми капиталот. 

За спроведување на предложениот Закон, потребни се финансиски средства од Буџетот на Република Македонија во висина на неизмирените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување (главнина и камата) за вработените за 2004 и 2005 година, кои со состојба на ден 31.12.2012 година изнесуваат 7.304.197,00 денари.

Со предложеното законско решение ќе се овозможи финансиска консолидација на Друштвото Фабрика за шински возила „Велес“ ДООЕЛ-Велес, ќе се зголеми капиталот на Друштвото и ќе се обезбеди ефикасност ва работењето на Друштвото Фабрика за шински возила „Велес“ ДООЕЛ-Велес.          

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click