Активности



Среда, 29 мај 2013 година

Шеесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Шеесет и петта седница, како матично работно тело, во прво читање, го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Образложение на Предлогот на закон даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини. 

Тој истакна дека со измените и дополнувањата на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се предлага дефинирање на извршен член на одбор на директори, член на управен одбор и управител во трговско друштво како обврзници за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.

Според податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија, од вкупно 58.672 управители, 18% или 10.636 немаат М1 Образец, односно не се вработени во фирмата во која управуваат ниту во друга фирма, односно институција.

Од 386 извршни членови на одбор на директори, 76 лица или 19,7% немаат М1 Образец, додека од 820 членови на управен одбор 288 или 35,1% немаат М1 Образец. Овие лица работат согласно склучен договор за управување и не се обврзници за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.

Оттука произлегува потребата извршен член на одбор на директори, член на управен одбор, односно управител во трговско друштво да се утврдат како обврзници за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.

Со предложеното законско  решение се утврдува и основицата за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување. Како основица за пресметка ќе се зема месечниот надоместок утврден во Договорот за уредување на односите меѓу друштво и извршен член на одбор на директори, член на управен одбор, односно управител во трговско друштво, кој задолжително се доставува до Управата за јавни приходи.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Миле Андонов и г. Реџаиљ Исмаили.
На крајот од расправата, Комисијата за финансирање и буџет со  7 гласа „за“ и 4 „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

 

Click