Активности



Петок, 31 мај 2013 година

Шеесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и шестата седница, одржана денеска, како матично работно тело, по скратена постапка, ги разгледа:

  • Предлогот на закон  за престанување на важењето на Законот за адвокатски  маркички;
  • Предлогот на закон за финансиската инспекција во јавниот сектор;
  • Предлогот на закон за изменување дополнување на Законот за акцизите.

Сo Законот за адвокатски маркички се уредува воведувањето на адвокатска маркичка како инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход, која задолжително се применува од страна на адвокатите поединци во случаите кога наградата за дадената правна помош се наплатува во готово и гласи на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Во сите останати случаи, се предвидува плаќањето да се врши исклучиво преку носител на платен промет врз основа на писмен договор.

Истовремено, со оглед на тоа дека на овој начин, покрај аконтативното плаќање на персоналниот данок на доход, се врши и евидентирање на приходите кои ги остваруваат адвокатите поединци врз основа на дадената правна помош каде плаќањето се врши во готово, законот предвидува да престане обврската за воведување и користење на одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања за адвокатите поединци согласно со Законот за регистрирање на готовински плаќања.

Тргнувајќи од барањата на Адвокатската комора и адвокатите заради решавање на проблемите со кои се соочуваат во текот на нивното работење и консензусот на членовите на Комората за пристапување кон фискализација на адвокатите и адвокатските друштва, се предлага престанување на важноста на овој закон.

Целта е да се изнајдат решенија соодветни за адвокатската фела, а од друга страна, сепак, да се заштити даночниот систем и да не биде доведено во прашање плаќањето на даноците.

Во однос на Предлог-законот за финансиската инспекција во јавниот сектор, основна цел на предложеното законско решение е да се уреди работењето на финансиската инспекција во јавниот сектор со закон, како централизираната ex post финансиска контрола, допрецизирање на регулативата за јавни финансии во делот на  заштита на јавните финансиски интереси и преземање на мерки против сторителите на прекршоци и издвојување на функцијата на внатрешната ревизија од функцијата на финансиската инспекција.

Со Предлогот на законот се уредуваат начелата, надлежноста, организацијата на финансиската инспекција во јавниот сектор, како и постапката за вршење на финансиската инспекција, со што се обезбедува заштита на финансиските интереси на субјектите од јавниот сектор од сериозно лошо финансиско управување, измами и корупција.

Финансиската инспекција ќе се извршува кај корисниците на средства од Буџетот на Република Македонија, фондовите, општините и Градот Скопје, агенциите и другите институции основани со закон, јавните претпријатија, јавните установи и другите правни лица кои се во државна сопственост или сопственост на општините и Градот Скопје или во кои државата или општините и Градот Скопје се акционери, како и кај непрофитните организации и другите правни и физички лица само за делот на добиените јавни средства или гаранции. 

Работите на финансиската инспекција ќе ги извршува Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор, како посебна внатрешна организациона единица во рамки на Министерството за финансии. Со финансиската инспекција ќе раководи главен финансиски инспектор за јавни финансии, кој директно ќе одговара на министерот за финансии.

Претседателот на Комисијата, г. Марјанчо Николов ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по двата Предлог-закони не се поднесени амандмани од овластени предлагачи, освен по Предлог-законот за изменување дополнување на Законот за акцизите, каде Комисијата усвои три амандмани.

Комисијата за финансирање и буџет ги проследи Предлог-законите на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click