Активности



Среда, 4 септември 2013 година

Шеесет и шеста седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на 66. Седница, одржана на 3 септември 2013 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за сигурност во железничкиот систем(во второ читање);
  2. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градење(во второ читање);
  3. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешната пловидба(во второ читање);
  4. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот (прво читање);
  5. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште(во второ читање).

На седницата, во својство на претставници на Владата на Република Македонија, присуствуваа: г. Џелал Бајрами, заменик-министер за транспорт и врски и г. Абдилаќим Адеми, министер за животна средина и просторно планирање.

Претседателот на Комисијата за транспорт, врски и екологија, г. Реџаиљ Исмаили, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за сигурност во железничкиот систем, Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешната пловидба и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште.

Во дискусијата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште, учествуваше пратеникот Газменд Алији.

Комисијата, без дискусија, заклучи овие Предлог-закони да се проследат на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

По Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, претседателот Реџаиљ Исмаили ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, поднесени се вкупно 5 амандмани од овластени предлагачи. 

Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: г. Благоја Стојановски, г. Панче Орцев, г-ѓа Лилјана Затуроска и г-ѓа Марија Рашковска. Четири амандмани беа усвоени, додека еден не беше усвоен.

По расправата, Комисијата за транспорт, врски и екологија заклучи Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, да се проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Во однос на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот, г. Адеми ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците: г-ѓа Вјолца Мехмети-Нуредини, г. Благоја Стојановски, г-ѓа Косана Мазнева и г. Газменд Алији.

На крајот од расправата, Комисијата, со 6 гласа „за“ и 3 гласа „воздржан“ оцени дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click