Активности



Среда, 26 јуни 2013 година

Шеесет и осма седница на Комисија за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и осмата седница, одржана на 24 јуни 2013 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација (прво читање);      
  2. Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во 2012 година.

Воведно образложение по Предлогот на закон за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, даде заменик-министерот за финансии, Ардиан Џеладини.

Тој истакна дека во Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација се предвидени 12 емисии на обврзници за денационализација, а Владата на Република Македонија со одлука годишно го утврдува износот на обврзниците што ќе се издаваат. Годишниот износ се утврдува врз основа на надоместокот даден во обврзници со решенијата кои станале правосилни во тековната година.

Процесот на денационализација завршил во првостепена постапка, но дел од решенијата не се конечни, односно по истите се води управен спор. Според податоците на Министерството за финансии, од јуни 2000 година до крајот на декември 2007 година (во законскиот рок за поднесување  на барањата за денационализација) вкупно се поднесени 30.744 барања. Од вкупно поднесените барања конечни се 25.957 предмети, а 4.787 предмети се во повторна постапка пред првостепените комисии, Управниот суд, Државната второстепена комисија и Вишиот управен суд.
 
За да се овозможи исплата по овие предмети по нивната правосилност, има потреба од зголемување на бројот на емисиите на обврзници за денационализација.

Со Предлог законот се предлага дополнително издавање на уште две емисии на обврзници за денационализација, со цел исплата на обврзниците кои ќе бидат утврдени со решенијата кои ќе станат конечни во претстојниот период.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Самка Ибраимоски, г. Реџаиљ Исмаили, г. Митре Велјаноски и г-ѓа Владанка Авировиќ.

На крајот од расправата, Комисијата со девет гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Во однос на Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во 2012 година, воведно образложение даде г. Милаим Ајдини, член на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.

Тој истакна дека Комисијата го регулира и го контролира работењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија. Во рамките на своите законски надлежности и овластувања,  се грижи за  законито  и ефикасно функционирање на пазарот на хартии од вредност и за заштита на правата на инвеститорите, со цел постојано да се јакне довербата на јавноста во институциите на пазарот на хартии од вредност во земјава.

Во текот на 2012 година Комисијата активно работела за реализација на законски утврдените функции, во насока на креирање на цврсто регулиран, транспарентен и високо развиен пазар на хартии од вредност, што подразбира континуирано одржување на ефикасен и фер пазар на хартии од вредност, како и заштита на правата и интересите на инвеститорите на пазарот на хартии од вредност.                                  

Во претресот учествуваше пратеникот Марјанчо Николов.

На крајот од расправата, Комисијата со осум гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во 2012 година.
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.
Click