Активности



Понеделник, 1 јули 2013 година

Шеесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и деветтата седница, одржана на 27 јуни 2013 година, како матично работно тело, по скратена постапка, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинска тарифа;  
  2. Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем, наменет за дополнително финансирање на проектот „Ветерен парк Богданци“, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕЛЕМ;
  3. Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Преземен и изменет договор за заем за Проектот за подобрување на постојната регионална и локална патна мрежа, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка и Јавното претпријатие за државни патишта.

Воведно образложение по поднесените Предлог-закони даде заменик-министерот за финансии, г. Ардијан Џеладини.

- По Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Царинска тарифа, тој истакна дека со предложените измени и дополнувања се врши натамошно усогласување на нормативниот дел на овој закон со Регулативата на Советот (ЕЕЦ) Бр. 2658/87 за тарифна и статистичка номенклатура и Општа царинска тарифа, односно се исполнува обврската за транспонирање на националното законодавство утврдена во Националната програма за усвојување на правото на Европската унија како земја-кандидат, а воедно се обезбедува и правна основа за еднообразна примена на Царинската тарифа.

Исто така, со цел да се подобри извозната конкурентност на домашната индустрија, се предлага да се овозможи трајно и целосно безцарински увоз за одредени необработени благородни метали (злато и платина), без разлика на земјата на потекло. Истовремено се предлага да се либерализира  тргувањето со инвестициско злато, односно царинската стапка од 7% да биде 0%.

Со донесувањето на наведените предлози ќе се изврши либерализирање на прометот и тргувањето со инвестициско злато, како и значително  зголемување на увозот на необработени благородни метали, а со тоа и производството и извозот на катализатори и нивното учество во структурата на вкупниот извоз. 

- Во однос на Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем, наменет за дополнително финансирање на проектот „Ветерен парк Богданци“, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕЛЕМ, г. Џеладини истакна дека со реализација на проектот „Ветерен парк Богданци“ ќе се обезбеди искористување на ветерот како обновлив извор на  енергија преку изградба на ветерни електрани со кои ќе се постигне годишно производство на 100 GWh  природно одржлива енергија. Со тоа ќе се прошират изворите за снабдување со енергија и ќе се овозможи вклопување на обновливите извори на енергија во националната мрежа.
Вкупниот износ на средства потребни за реализација на проектот е 55.500.000 евра.

- Во врска со Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Преземен и изменет договор за заем за Проектот за подобрување на постојната регионална и локална патна мрежа, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка и Јавното претпријатие за државни патишта, заменик-министерот за финансии истакна дека со реализација на Проектот ќе се подобри состојбата во која се наоѓаат регионалните и локалните патишта во Република Македонија.

Со измените на Законот за јавните патишта, Агенцијата за државни патишта е трансформирана во Јавно претпријатие за државни патишта на кое се пренесуваат сите права и обврски, со цел непрекината и успешна реализација на започнатите проекти.

Од тие причини, се предлага да престане да важи Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка по Договорот за заем по Проектот за подобрување на постојната регионална и локална патна мрежа, а истовремено да се донесе Закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Преземен и изменет договор за заем за Проектот за подобрување на постојната регионална и локална патна мрежа, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка и Јавното претпријатие за државни патишта.

Република Македонија ќе го гарантира намирувањето на обврските и исполнувањето на одредбите од Преземениот и изменет договор за заем во износ од 70.000.000 евра. Сите обврски кои произлегуваат од Преземениот и изменет договор за заем, како и сервисирањето на заемот, ќе го врши Јавното претпријатие за државни патишта од сопствени приходи. Рокот за отплата на заемот е 15 години.

Претседателот на Комисијата, г. Марјанчо Николов, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по трите Предлог-закони не се поднесени амандмани од овластени предлагачи и Комисијата ги проследи истите на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click