Активности



Понеделник, 22 јули 2013 година

Седумдесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на 71. седница,  одржана на 16 јули 2013 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување како и камати и споредни даночни давачки и обврски по основ на денарски кредити во траен влог во Јавно претпријатие за стопанисување со шуми „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ П.О. Скопје (во прво читање);
  2. Предлогот на закон за роковите на подмирување на паричните обврски, поднесен од пратеникот Ивон Величковски (во прво читање);
  3. Годишниот извештај за извршените ревизии  и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2012 година;
  4. Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2012 година;
  5. Финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2012 година;
  6. Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2012 година.

Образложение на Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување како и камати и споредни даночни давачки и обврски по основ на денарски кредити во траен влог во Јавно претпријатие за стопанисување со шуми „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ П.О. Скопје даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини.

Тој истакна дека  согласно Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009; 24/2011; 53/2011 и 25/2013), шумите се во државна и приватна сопственост и претставуваат природно богатство кое е од општ интерес за Република Македонија. Планирањето, управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште се дејности од јавен интерес. Стопанисувањето со шумите кои имаат стопански и заштитен карактер во државна сопственост го врши Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми”.

Претпријатието континуирано се соочува со проблеми кои го отежнуваат работењето и на подолг рок постои опасност да се доведе во прашање извршувањето на  дејноста која е од јавен интерес. Намаленото производство, проблемите со бесправни сечи и пласирање на илегално дрво на домашниот пазар, организирање на производството (фази: сеча-дотур-превоз) и заостанатите обврски по основ на јавни давачки и  по основ на користени денарски кредити ја загрозува финансиска стабилност на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми”.

Овој предлог закон има за цел надминување на проблемите со кои се соочува Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми” и обезбедување на  стабилно финансирање, се предлага законско решение кое ќе овозможи финансиска консолидација на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ П.О. Скопје по пат на конверзија на побарувањата на Република Македонија во траен влог.

  • Комисијата за финансирање и буџет со  8 гласа „за’’ и 3 гласа „против’’ заклучи дека Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување како и камати и споредни даночни давачки и обврски по основ на денарски кредити во траен влог во Јавно претпријатие за стопанисување со шуми „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ П.О. Скопје е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

По Предлогот на закон за роковите на подмирување на паричните обврски воведно образложение даде пратеникот Ивон Величковски.

Тој истакна дека со предложеното законско решение се врши усогласување на македонската со европските регулативи. Во исто време има за цел и спречување на задоцнетото плаќање кај трговските трансакции заради обезбедување на правилно функционирање на внатрешниот пазар што ќе ја поттикне конкурентноста на фирмите, а особено на малите и средни претпријатија. Законското решение ќе постигне два ефекти и тоа: поттикнување на претприемништвото и спречување на задоцнетото плаќање кај трговските трансакции. Исто така ќе обезбеди правилно функционирање на внатрешниот пазар, со што посредно ќе влијае на ублажување на последиците од тековната домашна, европска и светска економска криза и ќе овозможи постепено надминување на неликвидноста во стопанството. Македонската економија се наоѓа на работ на ликвидноста. Од таа причина мора да се искористат сите инструменти кои ќе овозможат законско сузбивање на задоцнетото плаќање, што е еден од основните проблеми на македонската економија.

Доколку се усвои предложеното законско решение, македонското судство ќе има јасна легислатива врз основа на која ќе може да постапува во случај на стопански спорови. Предлог законот ги уредува и казнените и прекршочните одредби, односно застареноста на прекршочната постапка.

  • Комисијата со три гласа „за“ и седум гласа „против“ заклучи дека Предлогот на закон за роковите на подмирување на паричните обврски не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање.

Заменикот на главниот државен ревизор, г. Насер Адеми даде воведно образложение по Годишниот извештај за извршените ревизии  и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2012 година.

Тој истакна дека ревизијата на соодветното користење на јавните средства не е само етичко барање, туку е економска неопходност. Очекувањата од Државниот завод за ревизија се не само да ги открие неправилностите во работењето, туку да даде поддршка за унапредувањето на управувањето со јавните средства.

  • Врз основа на расправата, Комисијата со седум гласа „за“ и два гласа „воздржани“ заклучи да му предложи на Собранието да ги усвои следните Заклучоци:
  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и го усвои Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2012 година;
  2. Собранието констатира дека Државниот завод за ревизија согласно Законот за државната ревизија, врши ревизии на регуларност и успешност кај субјектите кои се предмет на ревизија и го следи имплементирањето на препораките дадени во ревизорските извештаи;
  3. Собранието исто така констатира дека во Извештајот се прикажани активностите на Државниот завод за ревизија за следење на тековните и најнови достигнувања од областа на ревизорските стандарди, методологијата и најдобрата пракса во функција на подобрување на ефикасноста и квалитетот за вршење на финансиска ревизија и ревизија на успешност;
  4. Со оглед на тоа што Државниот завод за ревизија при ревидирање на јавните набавки констатирал нерегуларности во повеќе фази од постапката на нивното спроведување, Собранието укажува дека е потребно субјектите кои се предмет на ревизија да ги применуваат законските решенија, а институциите во чија надлежност се јавните набавки да го унапредуваат системот на јавните набавки преку подобрување на законската регулатива со цел до максимум да се спречуваат  можностите за манипулации;
  5. Имајќи го предвид фактот што државните ревизори во ревизорските извештаи констатирале најголем број на наоди кои се однесуваат на финансиските извештаи, на неусогласеност со законската регулатива и прописи и на користење на средствата спротивно на законските прописи, Собранието укажува дека е потребно субјектите кои се предмет на ревизија да постапуваат по препораките дадени од Државниот завод за ревизија и да го зајакнат контролниот систем во институциите со што процентот на изразените позитивни мислења за финансиските извештаи ќе се зголеми;
  6. Собранието смета дека е потребно Владата на Република Македонија да ги усогласи законите кај кои Државниот завод за ревизија истакнува системски слабости и колизија, со цел да се надминат проблемите при нивното спроведување;
  7. Овие заклучоци заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.

Во однос на Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2012 година, Финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2012 година и Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2012 година воведно образложение даде претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, г. Климе Попоски.

По Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2012 година г. Попоски истакна дека Агенцијата за супервизија на осигурување како регулаторно тело  има основна цел да води сметка за стабилноста на функционирање на пазарот на осигурување, за финансиската стабилност на субјектите кои што делуваат на пазарот за осигурување, како и за адекватна заштита на интересите на осигурениците и корисниците на осигурувањето. Агенцијата за супервизија на осигурување успешно ја извршува својата функција за што добива потврда од релевантни меѓународни институции кои го поздравуваат напредокот кој го постигнува Агенцијата.

Во рамки на Финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2012 година тој истакна дека согласно усвоениот Финансиски план, Агенцијата за супервизија на осигурување настојува да се придружува до сите позиции кои се предвидени за реализација како во делот на приходите, така и во делот на расходите. Секаде каде има можност за заштеди тоа и се прави, така што постои намалување на сите позиции за материјални расходи, освен во делот за плати бидејќи има зголемување на бројот на вработени.

Додека по Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2012 година,  г. Попоски истакна дека генерална оценка за пазарот на осигурување во текот на 2012 година е позитивната стапка на раст. Вкупниот раст изнесуваше 3%, при што неживотното осигурување растеше со 1,65%, а осигурувањето на живот  со 20%. Во земјите од регионот во делот на неживотното осигурување во текот на 2012 година само во три земји има позитивна стапка на раст, додека во делот на животното осигурување сите земји имале негативни стапки на раст. Факт е дека животното осигурување е недоволно развиено, но позитивно е тоа што постојано расте. Вкупната вредност на активата на друштвата за осигурување е зголемена за 1,15%, вкупниот капитал е зголемен за 3,23%, маргината на солвентност е за четири пати поголема над минимално потребната граница, што укажува дека сите друштва се добро капитализирани.

  • На крајот од расправата,Комисијата, едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:
  1. Собранието на Република Македонија ги разгледа и усвои Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2012 година, Финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2012 година и Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2012 годин;
  2. Овој заклучок заедно со Извештаите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Click