Активности



Понеделник, 22 јули 2013 година

Седумдесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на 72. седница, одржана на 18 јули 2013 година, како матично работно тело, го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки (во прво читање).

Образложение на Предлогот на законот даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини.

Тој истакна дека постапките за јавни набавки се динамична област која секојдневно се унапредува. Системот на јавни набавки и неговата правна рамка мора да имаат одредена доза на флексибилност во функција на прилагодување на новите иновативни решенија. Предложените измени и дополнувања имаат за цел воведување на нови иновативни решенија кои ќе придонесат за унапредување на системот за јавни набавки во Република Македонија.

Со Предлогот на законот се уредува профилот на економски оператор на Електронскиот систем за јавни набавки преку кој се олеснува докажувањето на личната состојба на регистрираните економски оператори во постапките што се спроведуваат со користење на електронски средства. Се предлага воведување на одредби со кои од примената се исклучуваат услугите на нотарите и извршителите, со цел да се надминат проблемите во примената на Законот за јавните набавки кои се во колизија со прописите кои го уредуваат нотаријатот и услугите на извршителите.

Се предлага исклучување на набавките кои договорните органи ги вршат од субјекти со кои се поврзани. Одредени договорни органи, особено во комуналната сфера, имаат основано посебни субјекти за вршење на дејност која е директно поврзана со надлежностите на договорниот орган. Од тие причини нема потреба од спроведување на постапка за јавна набавка со други надворешни понудувачи. Со предложените измени и дополнувања се зголемуваат надлежностите на Бирото за јавни набавки во однос на носењето на интерни упатства за подготовка и спроведување на едукацијата за јавни набавки, се воведува можност Бирото за јавни набавки да отстранува економски оператори од листата на негативни референци по одлука на надлежен орган и надлежност да ги анализира образложенијата за неприкачување на тендерската документација во електронска форма. Значајно е воведувањето на одредби со кои се зајакнува контролата на набавките за кои постои само еден производител на пазарот. Имено, пред да ја започне постапката за јавна набавка договорниот орган има обврска да добие согласност од Владата, при што  треба да достави соодветни докази за потребата и фактичката состојба на пазарот. Се воведуваат и одредби со кои се предвидува задолжително прикачување на тендерската документација на Електронскиопт систем за јавни набавки. Со тоа се напушта досегашната практика тендерската документација да се подига кај договорниот орган и притоа да се наплатува одреден надоместок.

Со цел да се овозможи правото на жалба преку опфатот на техничкиот дијалог на целата тендерска документација со сите нејзини услови, наместо само на техничките спецификации се предвидува доставување на записникот од спроведениот технички дијалог до сите економски оператори кои дале свои предлози  и коментари. Во однос на постапките во кои е добиена или останата само една прифатлива понуда на понудувачот му се дава можност да ја намали првично понудената цена само еднаш со што ќе се добие неговата конечна цена.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Панче Орцев, г. Самка Ибраимоски, г-ѓа Владанка Авировиќ и г. Миле Андонов.

На крајот од расправата, Комисијата, едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click