Активности



Вторник, 30 јули 2013 година

Седумдесет и трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Седумдесет и третата седница,  одржана на 29 јули 2013 година, како матично работно тело, ги разгледа:

1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи (прво читање);

2. Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување како и камати и споредни даночни давачки и обврски по основ на денарски кредити во траен влог во Јавно претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ П.О. Скопје (второ читање).

3. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки (второ читање).

Образложение на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини.

Тој истакна дека со Законот за користење и располагање со стварите на државните органи се уредуваат правата и обврските на органите на државната управа во однос на набавката, користењето и располагањето со стварите во државна сопственост. 

Сe уредува и постапката за престанок на користење на недвижни и движни ствари во државна сопственост на фондовите, агенцииите, дирекциите, јавните претпријатија, јавните установи, независните регулаторни тела основани од државата, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата, како и здруженија на граѓани и фондации. Со предложените измени и дополнувања се воведуваат одредби со кои се уредува постапката за продажба на недвижните и движни ствари кои ги користат државните органи со електронско јавно наддавање и се допрецизираат одредбите кои се однесуваат на престанокот на давањето на користење на недвижните ствари во државна сопственост.

Со воведувањето на електронското јавно наддавање при продажбата на недвижни и движни  ствари  што ги користат државните органи ќе се овозможи поголема  транспарентност на постапките за продажба на имотот, сопственост на Република Македонија. Истовремено, се врши усогласување на постојното законско решение со  начинот на продажба на  имотот, сопственост на Република Македонија пропишан со Законот за  продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија  и Законот за градежно земјиште. Со Предлогот на законот  се уредува воспоставувањето,  управувањето и оперирањето со електронскиот систем за јавно наддавање, постапката за електронско јавно наддавање, начинот на објавување на објавата, содржината на објавата за електронско јавно наддавање, текот на постапката за електронското јавно наддавање, изборот на најповолен понудувач, содржината на договорот за продажба и обврската за солемнизација на договорот за продажба.

Министерството за финансии, односно Управата за имотно правни работи, го воспоставува, управува и оперира со електронскиот систем за јавно наддавање на недвижните ствари што ги користат државните органи. Недвижните ствари кои државните органи трајно престанале да ги користат заради неупотребливост, односно дотраеност, како и при давање на користење кога недвижните ствари не ги користат државни органи, Владата на Република Македонија може со одлука да ги даде на користење или да ги пренесе без надомест во сопственост на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје. Недвижните ствари во државна сопственост, Владата на Република Македонија  може времено или трајно  да ги даде на  користење со или без надомест на државни органи, фондови, агенциии, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, независни регулаторни тела основани од државата, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата, општините, општините во градот Скопје, Градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации. За престанок на користење на недвижни ствари во државна сопственост  што ги користат државните органи, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, јавните установи, независни регулаторни тела основани од државата, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата, општините, општините во градот Скопје, Градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации, одлучува Владата на Република Македонија.

Комисијата за финансирање и буџет со  8 гласа „за“ и 3 гласа „воздржани“ заклучи дека Предлогот на законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Претседателот на Комисијата, г. Марјанчо Николов, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија на  Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување како и камати и споредни даночни давачки и обврски по основ на денарски кредити во траен влог во Јавно претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ П.О. Скопје не се поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Комисијата го проследи Предлог на законот на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Материјалот по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, Владата на Република Македонија го повлече од собраниска постапка.

Click