Активности

Среда, 4 септември 2013 година

Седумдесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Седумдесет и петтата седница, одржана на 2 септември 2013 година, како матично работно тело, го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за лизинг (во прво читање).

Образложение на Предлог-законот даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини. 

Тој истакна дека согласно Законот за лизинг, Министерството за финансии врши лиценцирање и контрола над работењето на давателите на финансиски лизинг. Со Законот е уредена документацијата што треба да се достави кон барањето за основање на давател на финансиски лизинг, како и причините поради кои министерот за финансии го одбива барањето. 

Во постојното законско решение надлежниот орган нема основ при одлучување по барањето да ја цени истата и да го одбие барањето доколку приложените докази се несоодветни. Поради тоа се предлагаат дополнувања на Законот со кои ќе се доуреди постапката за оценка на документацијата и причините за одбивање на барањето за добивање на дозвола.

Според постојниот Закон, во постапката за издавање на дозвола за основање на давател на финансиски лизинг, се доставува листа на сопственици и извори на капиталот, со цел при издавањето на дозволата да се оцени соодветноста на основачите и на капиталот.

За разлика од ваквото решение, за идните промени на основачите и на капиталот, надлежниот орган нема овластување да ја оцени сопственичката структура и изворите на средства. Со тоа се овозможува на пазарот на лизинг да настанат значајни промени за кои надлежниот орган не се произнел.

Поради тоа, а со цел да се зајакне стабилноста на овој сегмент од финансискиот пазар, се предлага надлежниот орган да дава согласност и за промена на сопственичката структура и капиталот на давателите на финансиски лизинг. 

Во однос на согласноста за именување членови на орган на управување, согласно постојниот закон, давателите се должни пред именувањето на нов член на орган на управување да добијат претходна согласност од министерот за финансисии, но не е дефиниран рокот во кој треба да се достави барањето.

Ова остава простор давателите на финансиски лизинг подолг период да останат без орган на управување што, меѓу другото, создава проблеми во комуникацијата меѓу друштвото и органот за надзор (Министерството за финансии). Затоа, со измените на Законот се воведува обврска давателот на финансиски лизинг барањето за согласност да го поднесе најдоцна 60 дена пред престанокот на мандатот на член на орган на управување, односно најдоцна во рок од 15 дена од денот на разрешување, оставка, смрт или одземање на согласност на член на орган на управување.

Во делот на прекршочните одредби, постапката за посредување се заменува со постапката за порамнување и издавање на платен налог, во случај кога надлежниот орган констатирал прекршување на Законот. Причина за ваквата промена е што постапката за порамнување  е побрза и поефикасна од постапката за посредување.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Самка Ибраимоски и г. Реџаиљ Исмаили.

Комисијата за финансирање и буџет, со  8 гласа „за“ и 4 „воздржани“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за лизинг е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click