Активности



Петок, 20 септември 2013 година

Седумдесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на 76. седница, одржана на 17 септември 2013 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски комбинат АД Прилеп;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки.

Образложение на Предлог-законите даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески.

Тој истакна дека со Предлогот на закон за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски комбинат АД Прилеп се предлага претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на даноци, акцизи, царински давачки, придонеси за задолжително социјално осигурување, како и други давачки определени со закон како јавни давачки, како и каматите и другите споредни обврски настанати по основ на јавните давачки во друштвото Тутунски комбинат АД Прилеп и правните лица кои се капитално поврзани со друштвото во траен влог на државата.

Со конверзија на побарувањето на државата во траен влог ќе се зголеми бројот на акциите во сопственост на Република Македонија во основната главнина на Тутунски комбинат АД Прилеп.

Целта на предложеното законско решение е да се обезбеди непречено вршење на дејноста и финансиска стабилност на Тутунски комбинат АД Прилеп.

Со оглед на тоа што станува збор за неисплатени обврски на Друштвото кон државата, која истовремено е мнозински акционер во Друштвото, интенцијата на Владата со Предлогот на законот е да се  спроведе реализација на идните активности кои ги наметнуваат новите потреби на пазарот, како и склучување на договор за стратешко партнерство со компанијата Филип Морис како познат бренд во областа на тутунската индустрија, со што индиректно ќе се придонесе за подобрување на економската и финансиска состојба и зголемување на профитабилноста на Друштвото.

Тутунскиот комбинат АД Прилеп е од особено значење за економијата во Република Македонија и учествува со 19% во вкупното производство на тутун во државата. Со претворање на побарувањата по основ на јавни давачки ќе се зголеми учеството на Владата на Република Македонија во основната главнина на Друштвото, односно ќе се зголеми бројот на сопствени обични акции со што ќе се овозможи понатамошно непречено функционирање на Друштвото, реализација на зацртаните цели во насока на остварување на среднорочната стратегија за развој која е со цел зголемување на количините на откупен тутун на примарните производители, како основа за зголемување на производството на ферментиран тутун и цигари и пласман на производите на странските пазари.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Горан Сугарески, г. Стојко Пауновски, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Панче Орцев, г. Реџаиљ Исмаили и г. Самка Ибраимоски.

Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, министерот Ставрески истакна дека Законот за јавни набавки се применува веќе шест години, но системот за јавни набавки и неговата правна рамка мора да се прилагодуваат кон новите текови и решенија кои што се применуваат и во европските земји.

Предложените изменувања и дополнувања на Законот се прават во консултации со деловната заедница, а имајќи го предвид јавниот интерес, се доуредуваат некои прашања од пракса што треба да резултира со зајакнување на конкуренцијата, олеснување на пристапот на понудувачи до пазарот на јавни набавки, спречување на злоупотреби и слично. Се воведува профил на економски оператор на Електронскиот систем за јавни набавки и дополнителниот чекор за поднесување конечна цена кај случаите во кои не може да се спроведе стандардна електронска аукција поради немање доволно конкуренција. Оваа алтернатива на електронската аукција ќе овозможи поголем процент на успешно завршени постапки.

Новина претставува и задолжителното прикачување на тендерската документација во електронска форма со забрана за наплата на надомест за подигнување, а по евентуални измени на документацијата договорниот орган  ќе мора да го продолжи рокот за поднесување на понуди. Со тоа ќе се овозможи полесен пристап до тендерската документација и ќе се намалат трошоците.

Се исклучуваат набавките кои договорните органи ги вршат од субјекти кои се поврзани со нив од причина што нема потреба од спроведување на постапка за доделување на предметниот договор на надворешни субјекти ако договорниот орган располага со сопствен субјект кој може да ја реализира набавката со неколку кумулативни услови што треба да бидат исполнети.

Бирото за јавни набавки ќе има нови надлежности ( контрола на задолжително прикачување на тендерската документација, администрирање на листа на негативни рефернци), а се допрецизираат и интерните акти при организирање на едукација за јавните набавки.

За да се спречат злоупотребите кај договорите за набавка на софтверски решенија, се предвидува обврска за преземање сопственост врз изворниот код на софтверското решение од страна на договорниот орган, а во здравствениот сектор се воведува обврска за користење на генерички имиња на лековите при нивна набавка.

Се доуредува и прашањето за учество на група понудувачи. Опфатот на техничкиот дијалог се проширува на цела тендерска документација и се овозможува право на жалба за оваа фаза.

Се допрецизра издавањето негативни референци со цел економските оператори да ги заштитат своите права и да се избегнат било какви недоразбирања при примена на Законот. Експлицитно се забранува групирањето на ставки во делот на набавката со која се ограничува конкуренцијата на единствен понудувач за сите ставки во рамки на делот, без оглед дали станува збор за делива или неделива набавка.

Практично, новина е воведувањето нови контролни механизми во фазите од постапката кои во досегашната пракса се покажаа како најподложни на слабости или нерегуларности при дефинирање на техничките спецификации и на критериумите за  утврдување на способност.

Во тој контекст се зајакнува и позицијата на Државната комисија за жалби по јавни набавки со нови надлежности во обезбедувањето на законитост во постапката преку согласности што се предвидени да ги издава тело во рамките на таа Државна комисија.

Во случаите кога се дефинирани технички спецификации или со критериумите за утврдување способност се ограничува значително пристапот до предметната постапка за доделување на договор за јавна набавка. Имено, стручни лица од предвидениот електронски регистар ќе ѝ помагаат на Комисијата при одлучувањето. Следствено на овие промени се конкретизира и кривичната одговорност за повреда на овие услови и правила согласно со условите од Законот.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов и г. Стојко Пауновски.

На крајот од расправата, Комисијата, со 11 гласа „за“ и 1 „воздржан“ по Предлогот на закон за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски комбинат АД Прилеп и седум гласа „за“ и четири „воздржани“ по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, заклучи дека се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Click