Активности



Понеделник, 21 октомври 2013 година

Седумдесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет 

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Седумдесет и деветтата седница, одржана на 18 октомври 2013 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход (прво читање);
  2. Предлогот на завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2012 година;
  3. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот (прво читање);
  4. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи (прво читање).

Образложение на Предлог-законите даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, министерот Ставрески истакна дека со Законот за персоналниот данок на доход е воведен персоналниот данок на доход и е уредeн начинот на оданочување на доходот на граѓаните.

Персоналниот данок на доход се плаќа годишно на збирот на нето приходите од сите извори, освен на приходите што се изземени од оданочување со овој закон.

Основна цел на предложените изменувања и дополнувања е да се овозможи допрецизирање, појаснување и разработка на одредбите на законот во однос на: примената и спроведување на договорите за одбегнување на двојното оданочување кои се склучени од страна на Република Македонија; даночната основа за пресметување на персоналниот данок на доход; видовите на приходи кои се ослободени од оданочување; начинот на утврдување на износот на личното ослободување и износот кој се признава при годишното пресметување на данокот; роковите за поднесување за соодветни барања и годишни извештаи; начинот на пресметување и плаќање на аконтациите од страна на вршителите на самостојна дејност како и терминолошко усогласување на законот.

Во претресот учествуваа пратениците: Стојко Пауновски, Самка Ибраимоски и Миле Андонов.
         
Комисијата со шест гласа „за“ и три „против“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во образложението на Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2012 година, министерот Ставрески истакна дека Завршната сметка ја рефлектира фискалната политика која се реализираше во изминатата година и степенот на реализација на утврдените политики и мерки и притоа дава приказ на управувањето со јавните финансии и користењето на истите од страна на корисници на Буџетот.

Фискалната политика во 2012 година се реализирала во услови на зголемено влијание на европската должничка криза и непредвидливи надворешни фактори.

И покрај тоа што 2012 година може генерално да се окарактеризира за мошне тешка фискална година, сепак Република Македонија успеа да одржи релативно стабилна фискална позиција, имајки ги предвид остварените фискални таргети.

Вкупни приходи на Буџетот на Република Македонија се реализираа во износ од 138.112 милиони денари и истите беа наменети за финансирање на расходите реализирани во износ од 155.837 милиони денари. Остварувањето на приходите и расходите во наведените износи резултираше со дефицит на Буџетот на Република Македонија во износ од 17.725 милиони денари или 3,9 % од БДП.

Во расправата учествуваа пратениците: Марјанчо Николов, Стојко Пауновски, Беким Фазлиу и Миле Андонов.

Комисијата со осум гласа „за“ заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и донесе Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2012 година.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, г. Ставрески истакна дека со него се овозможува процената на пазарната вредност на недвижниот имот да се врши согласно Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот донесена во согласност со Законот за процена, а престанува да важи Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот донесена согласно Законот за даноците на имот од страна на Владата на Република Македонија.

Со тоа ќе се надминат досегашните проблеми кои се јавуваа во пракса поради паралелното постоење на две методологии за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.

Исто така, се пропишува одредба со која се регулира основата на данокот на промет на недвижен имот во постапка на јавно наддавање, спроведена од државните органи и единиците на локалната самоуправа.

Со овој Предлог-закон се пропишува и ослободување од обврската за плаќање на данок на промет на недвижности во случај кога правото на сопственост на определена недвижност се пренесува на државните органи, заради наплата на  побарувања во стечајна постапка и даночно ослободување во случај кога се конфискува недвижен имот, а се укинува ослободувањето во случај на комасација.

Со Законот се дефинира и тоа кој верски објекти ќе бидат ослободени од обврската за плаќање на данок на имот како и прецизирање на терминот економски згради во земјоделството.

Во претресот учествуваше пратеникот Самка Ибраимоски.

Комисијата со осум гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагње со стварите на државните органи, министерот за финансии истакна дека се наложи потребата од изменување  и дополнување во однос на постапката за продажба на недвижни ствари со јавно наддавање, односно доуредување и допрецизирање на одредбите од законот кои се однесуваат на утврдување на почетната цена на недвижноста, односно начинот на нејзино утврдување. Соодветно на тоа се предвидуваат и измени во однос на  утврдување на почетната цена  при продажбата на движни ствари што ги користат државните органи.

Со изменување и дополнување на законот ќе се овозможи учество на повеќе наддавачи во постапките за продажба со јавно наддавање на недвижните и движните ствари  што го користат државните органи и кои се предмет на продажба, по прифатлива почетна цена.

Комисијата за финансирање со осум гласа „за“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click