Активности



Понеделник, 4 ноември 2013 година

Осумдесет и трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на 83. седница, одржана денеска, како матично работно тело, го разгледа Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за проектот „Модернизација на блок 1 во ТЕ Битола“ кој ќе се склучи меѓу Дојче банка и АД ЕЛЕМ (по скратена постапка).

Образложение на Предлогот на законот даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини. Тој истакна дека Електраната е во функција скоро 30 години. Трите блока во ТЕ Битола почнале со работа последователно во 1982, 1984 и 1988. Секој блок има моќност од 225 MWel и користи околу 2 милиони тони јаглен годишно. И електраната и рудниците се сопственост на АД ЕЛЕМ. Електраната не е усогласена со постоечките ограничувања на емисијата на стакленички гасови во Европа согласно ЕУ директивата 2001/80 за ЛЦП. Нивото на NOx е близу до актуелните европски ограничувања, но секако е над барањата кои ќе важат после 2016 година, т.е. постојат ограничувања за вакви инсталации. Согласно ЕУ директивите, доколку нивото на стакленичките гасови не се намали под дозволените граници, објектот ќе мора да се затвори после 31.12.2016 година. Покрај тоа, бидејќи секој блок во ТЕ Битола е проектиран да работи 200.000 часа, а состојбата на блоковите за предадена електрична енергија на мрежа е под ова ниво, потребна е итна ревитализација за продолжување на работниот век на ТЕ Битола.

Ревитализацијата на котлите во ТЕ Битола за намалување на емисиите на NOx е планирано да се одвива во две етапи, со тоа што прво ќе бидат опфатени блок 2 и блок 3, а потоа и блок 1. Во моментот, во тек е модернизацијата на блок 2 и блок 3 од ТЕ Битола, активност која се финансира со заем од Дојче банка, додека модернизацијата на кулите за ладење се финансира со сопствени средства на АД ЕЛЕМ. Преостанува уште да се ревитализира и блокот 1 за намалување на емисиите на NOx, за целосно да се реализира втората фаза од проектот. Зафатите кои треба да се реализираат за да се намали емисијата на NOx се изведуваат во самиот котел, а дел од нив се преклопуваат со зафатите кои се потребни за продолжување на животниот век и зголемување на ефикасноста на постројката. Заради тоа изведбата на модернизација на котлите, без при тоа да се изведат и дополнителните работи за намалување на NOx е технички и економски неоправдана. Очекуваните резултати по целосна реализација на втората фаза се:

  • Продолжување на животниот циклус на котлите за дополнителни 120.000 часа;
  • Пораст на стапката на ефикасност на котлите и
  • Намалување на емисиите на NOx.

Покрај наведените резултати, позитивен ефект од проектот е и спречување на поголем увоз на електрична енергија, со што на подолг рок се обезбедува стабилност на националниот електроенергетски систем и усогласување со ЕУ директивите за ваков тип на постројки. Со ревитализацијата и модернизацијата на котлите и нивните придружни системи се обезбедува висока вредност на коефициентите на корисно дејство на подолг рок и се зголемува сигурноста на погонот. Вкупниот износ на средства потребни за модернизација на котлите во блок 1, 2 и 3 од ТЕ Битола изнесуваат 88.500.000 евра. 85 % од средствата потребни за модернизација на блок 2 и блок 3, АД ЕЛЕМ ги обезбеди преку заем од Дојче банка (49.232.018 евра), додека останатите 15% од сопствено учество.

За модернизација на котлите во блок 1 од ТЕ Битола се потребни 25.739.616,72 евра. 85% од вкупната вредност на инвестицијата, односно 21.878.674,21 евра, ќе бидат обезбедени со заем од Дојче банка. Преостанатите 15% од вкупната вредност на инвестицијата ќе ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства. За реализација на проектот треба да се плати и ХЕРМЕС премија за осигурување на извоз во износ од 2.450.000 евра. Премијата целосно ќе биде обезбедена од заемот од Дојче банка. Согласно горенаведеното, вкупниот износ на заемот од Дојче банка ќе биде 24.328.674,21 евра. Заемопримач ќе биде АД ЕЛЕМ, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Благоја Стојановски, г. Самка Ибраимоски, г-ѓа Лилјана Кузмановска, г-ѓа Владанка Авировиќ и г. Николче Ацески и г-ѓа Јасна Иванова Давидовиќ, претставник од АД ЕЛЕМ.

На крајот од расправата Комисијата, го проследи Предлог на законот на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click