Активности



Вторник, 8 октомври 2013 година, Женева
 
Билатерална средба на собраниската делегација на 129. Собрание на ИПУ 
 
На 129. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 6 до 9 октомври 2013 година во Женева, Швајцарија учествува Делегација на Собранието на Република Македонија во состав: г. Јани Макрадули, шеф на Делегацијата, г-ѓа Силвана Бонева, г. Неџати Јакупи, г. Имер Алиу, г. Горан Мисовски и г. Рејхан Дурмиши, членови на Делегацијата.

Во панел дискусијата на тема: „Контрола на политичките партии врз парламентарците" учествуваше шефот на Делегацијата, потпретседателот г. Јани Макрадули, кој оцени дека вистински баланс во односите меѓу лидерите на политичките партии и пратениците може да се постигне со внатрепартиска демократија, која вклучува повеќе дебата. 

Делегацијата на Собранието на Република Македонија оствари билатерална средба со Делегацијата на Канада во ИПУ, при што беше дискутирано за соработката меѓу двете земји и двата парламента, особено во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

На средбата стана збор и за продлабочувањето на економската соработка и можностите за размена на студенти меѓу Македонија и Канада. Шефот на Делегацијатата на Собранието на Република Македонија, г. Јани Макрадули се осврна на евроатлантските интеграции на Република Македонија и наметнатиот билатерален проблем со името на земјата. Тој истакна дека без јасна перспектива во ЕУ и НАТО, на Република Македонија ѝ се заканува зголемување на иселувањето, пред сè на високо образованите кадри. Од страна на канадските пратеници беше изразена поддршка за евроатлантските интеграции на Република Македонија и уверување дека на земјата ѝ престои светла иднина. Истовремено, беше поздравено учеството на Република Македонија во мисиите на НАТО и активната вклученост на жените во политичкиот живот на земјата.

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ИПУ се осврна на заложбите за поголема видливост и поактивно учество во активностите на оваа глобална организација на парламентите, пред сè преку членство во управните тела и работните групи на ИПУ. Сенаторите, г-ѓа Салма Атаулаџан, претседател на Канадската група во ИПУ и г. Доналд Оливер, член на Извршниот комитет на ИПУ ги поздравија овие заложби и ветија поддршка на пратениците на Собранието на Република Македонија во исполнувањето на истите.

Постојаните комисии на Интерпарламентарната унија одржаа панел дискусии за темите кои се вклучени во дневниот ред на следното 130. Собрание на ИПУ. Постојаната комисија за мир и меѓународна безбедност одржа дискусија на тема: „Кон свет без нуклеарно оружје: придонесот на парламентите". Воведничари во дебатата, покрај известителите, беа амбасадорот г. Мануел Денго, претседавач на Работната група на ОН за нуклеарно разоружување и г. Алин Веар, координатор на глобалната мрежа „Парламентарци за нуклеарна непролиферација и разоружување".

Панел дискусија на тема „Улогата на парламентите во заштитата на правата на децата, а особено непридржуваните деца мигранти и спречување на нивната експлоатација во состојби на војна и конфликт", одржа Постојаната комисија за демократија и човекови права, при што како воведничари настапија претставници на УНХЦР.

Во рамките на 129. Собрание на ИПУ се одржа и дебата на тема: „Внатрешно раселени лица",  како и Форум на млади парламентарци.

Интерпарламе­н­тарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација, во која членуваат 162 национални парламенти и десет меѓународни парла­мен­­­тарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева, работи во корист на демократијата, мирот и соработката меѓу народите. ИПУ има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.

Click