Активности

Вторник, 15 октомври 2013 година, Будва

Во 21. век сите општества се општества на различности
 
На Есенското заседание на Парламентарното собрание на ОБСЕ, што се одржува од 13 до 15 октомври 2013 година во Будва, Црна Гора учествува делегација на Собранието на Република Македонија во состав г-ѓа Ана Павловска Данева, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), г. Владимир Ѓорчев и г. Беким Фазлиу, членови на Делегацијата.

Во рамките на Есенското заседание се одржаа седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ, Медитерански форум на тема: „Медитеранот - унија на цивилизации" и Парламентарна конференција на тема: „Решавање на транснационалните закани и заштита на човековите права: улогата на ОБСЕ".

На третата сесија на парламетарната конференција, посветена на интеграцијата на општествата со различности,  воведничари беа г-ѓа Астрид Торс, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства и г-ѓа Гордана Чомиќ, потпретседател на Собранието на Република Србија и известител на Комисијата за демократија, човекови права и хуманитарни прашања на ПС на ОБСЕ.

Во дебатата на парламетарната конференција учествуваа дваесетина пратеници, меѓу кои и г. Владимир Ѓорчев, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ. Во своето обраќање г. Ѓорчев нагласи дека во 21. век сите општества се општества на различности, додавајќи дека Република Македонија е земја во која во целост се почитуваат правата базирани на темелните документи на ОН, ОБСЕ, Советот на Европа и другите меѓународни институции. Воедно, г. Ѓорчев додаде дека во поголем број на земји не се почитуваат таквите права, вклучувајќи ги и правата на македонското малцинство во повеќе држави.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.
Click