Активности



Вторник, 8 октомври 2013 година

Четврто продолжение на 42. седница на Комисијата за европски прашања

Комисијата за европски прашања денеска го одржа Четвртото продолжението на својата 42. седница, посветена на надзорната расправа на тема: „Користење на фондовите од инструментот за претпристапна помош-ИПА во Република Македонија“ за ИПА-компонентата III: Регионален развој.

На ова продолжение прв сведочеше вицепремиерот во Владата на Република Македонија и стратешки координатор за компонентата 3 и компонентата 4, г. Владимир Пешевски; министерот за транспорт, врски и екологија на Владата на Република Македонија, г. Миле Јанакиевски; министерот за локална самоуправа во Владата на Република Македонија, г. Тахир Хани; а сведочеа и  градоначалникот на општина Прилеп, г. Маријан Ристевски, како и   претставничката  на  Граѓанската  организација  „Еко свест“,  г-ѓа Ана Чолович-Лешовска.

На ова продолжение, пратениците  побараа одговори од присутните сведоци за  тоа колку и како се користеле европските пари во изминатиот период од 2007-2013 година, на владино, локално и на ниво на невладини организации.

Притоа,  како поистакнати примери на успешно искористени ИПА-средства, беа посочени Министерството за транспорт и врски, кое има приближно 38% искористеност на европските пари за патен и железнички сообраќај во Републиката, потоа одобрените средства за пречистителната станица во Прилеп, како и одделни проекти за прекугранична соработка и за унапредувањето на  човечките ресурси во Агенцијата за вработување.

Во врска со  прашањата на пратениците  што треба за да се засилат  можностите и на помалите општини кои немаат административен  капацитет и знаење за да аплицираат за ИПА-фондовите, беше предложено да се групираат повеќе општини од различни големини  за да бидат доволно екипирани и способни за  аплицирање  за добивање на овие европски пари.

Исто така, во врска со соработката на државните институции со невладините организации, за аплицирање за одобрување на проекти, кои се од интерес на  граѓаните на Република Македонија, се истакна дека не е на задоволително ниво и дека треба да се направат напори таа да се унапреди и интензивира. Притоа, претставничката на невладиниот сектор појасни дека првенствено треба да се почне од поголема транспарентност на Владата, преку достапност на сите потребни информации за  ИПА-фондовите на веб-страниците на  министерствата кои ги користат европските пари.

Click