Активности

Среда, 27 март 2013 година

Делегација од Државната Дума на Руската Федерација во посета на Република Македонија

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Руската Федерација оствари средба со Делегација од Државната Дума на Руската Федерација, предводена од г. Александар Балберов, координатор на Пратеничката група за односи со Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Пратеничката група, г. Иван Стоилковиќ, упати посебна благодарност до амбасадорот Олег Николаевич Шчербак за неговите напори да се реализира оваа посета и да се продолжи со досегашната соработка која беше намалена во изминатиот период.

Тој изрази задоволство за средбата со една географски многу далечна, но многу блиска и пријателска земја од многу аспекти и изрази уверување дека истата ќе добие на интензитет во следниот период.

Воедно, г. Стоилковиќ потенцираше дека малите држави, како Република Македонија, бараат заштита во големите држави, меѓу кои и Руската Федерација и се заблагодари за досегашната поддршка на Руската Федерација од моментот на нашето признавање под уставното име и на сите полиња во изминатите години, со надеж дека таа поддршка ќе продолжи со несмалено темпо во иднина, првенствено од религиозни, културни и историски причини.

Господин Александар Балберов оцени дека денешната посета не е случајна и е одраз на континуираната политика на Руската Федерација кон Република Македонија и се случува во моментот на одбележување на донесувањето на Уставот на Русија.

Руската делегација искажа благодарност за одржувањето на посетата помеѓу два изборни круга во Република Македонија, што ја покажува посветеноста на македонската страна кон руските колеги.

Позитивно ги оценија средбите со претставниците на македонските институции и посебно изразија задоволство од отвореноста на Република Македонија за прилив на руски инвестиции, соработката на поле на земјоделието, винската индустрија и зголемување на трговската размена меѓу двете држави. 

Господин Стоилковиќ истакна дека Македонија е отворена за соработка со руските компании, како и за развивање на туризмот со донесувањето на одлука за укинување на визите за руските државјани, што придонело за зголемување на бројот на руски туристи во Република Македонија.

Во таа насока ја поздрави одлуката на руските власти за патување без визи на македонските спортисти и изрази очекување за укинување на визите за сите македонски државјани од страна на Руската Федерација.

Госпоѓа Светлана Карапетрова, член на Пратеничката група, се заблагодари за досегашната соработка и истакна дека за Република Македонија од исклучително значење се два проекти: гасификацијата на Република Македонија и нејзиното приклучување кон Јужниот тек, капитални проекти кои ќе придонесат за подобрување на енергетската состојба, ќе имаат економски бенефит за државата и нејзините граѓани и ќе придонесат за подобрување на животната средина.

Господин Балберов го потврди рускиот интерес за заокружување на овие два капитални проекти, кои се од заемен интерес за двете земји.

На крајот, тој упати покана до колегите од Република Македонија да ја посетат Државната Дума во 2014 година, во рамките на активностите за одбележување на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија.  
Click