Активности

Понеделник, 14 октомври 2013 година, Будва
 
Есенско заседание на Парламентарното собрание на ОБСЕ
 
Делегација на Собранието на Република Македонија во состав г-ѓа Ана Павловска Данева, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), г. Владимир Ѓорчев и г. Беким Фазлиу, членови на Делегацијата, учествува на Есенското заседание на Парламентарното собрание на ОБСЕ, што се одржува од 13 до 15 октомври 2013 година, во Будва, Црна Гора.

На Есенското заседание, на кое учествуваат повеќе од 200 пратеници од 50 земји- учеснички во ОБСЕ и 4 земји медитерански партнери се одржа седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ и Медитерански форум на тема: „Медитеранот - унија на цивилизации", а во тек е парламентарна конференција на тема: „Решавање на транснационалните закани и заштита на човековите права: улогата на ОБСЕ".

Во рамките на Медитеранскиот форум се одржа специјална дебата за состојбата во Сирија. Воведничари во дебатата беа г. Ранко Кривокапиќ, претседател на Парламентот на Црна Гора и на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г. Жан-Клод Мињон, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и г. Игор Лукшиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора. Учесниците во дебатата едногласното ги поздравија усвојувањето на Резолуцијата 2118 на Советот за безбедност на ООН и одлуката за уништување на хемиското оружје во Сирија, и нагласија дека ОБСЕ е една од платформите за заедничко дејствување и изнаоѓање на одговори за современите предизвици во Медитеранскиот регион. Дел од учесниците оценија дека одговорот на кризата во Сирија претставува неуспех на меѓународниот систем и повикаа на поголема вклученост на земјите на ОБСЕ во разрешувањето на кризата и ублажувањето на хуманитарната катастрофа.

На отворањето на Парламентарна конференција: „Решавање на транснационалните закани и заштита на човековите права: улогата на ОБСЕ" се обратија претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г. Ранко Кривокапиќ и премиерот на Црна Гора, г. Мило Ѓукановиќ. Претседателот Кривокапиќ оцени дека парламентарците треба да бидат мисионери на вредности, чија задача е да придонесат во разбивањето на предрасудите и поделбите меѓу цивилизациите, Истокот и Западот, Христијанството и Исламот. Резултатите на ПС на ОБСЕ, според г. Кривокапиќ, ќе бидат вреднувани според можноста на неговите членови да градат мостови на соработка меѓу државите, народите и парламентите. Премиерот, г. Мило Ѓукановиќ оцени дека Црна Гора, како земја со етничка, културна и религиозна разновидност, претставува пример за мултиетнички дијалог. Осврнувајќи се на инклузивниот карактер на ОБСЕ и на неговиот сеопфатен пристап кон безбедноста, г. Ѓукановиќ се задржа на значењето на процесот 'Хелсинки +40', чија цел е ревитализирање на улогата и визијата на ОБСЕ, преку реформа на организацијата, продлабочување на компаративните вредности и зацврстување на меѓусебната доверба.

На првата сесија на тема: „Борба против тероризмот и транснационалните закани во областа на ОБСЕ и почитувањето на човековите права" воведничари беа г. Мохамад Алад Езедјар, прв потпретседател на Горниот дом на Парламентот на Авганистан, г.  Алексеј Луженков, координатор за активностите за решавање на транснационалните закани во секретаријатот на ОБСЕ и шефовите на делегациите на Руската Федерација, на Киргистан и на Таџикистан во ПС на ОБСЕ г. Николај Ковалев, г. Омурбек Текебаев и г. Олим Салимзода. Во дискусијата на оваа сесија стана збор за транснационалните закани, кои развиваат нови форми и бараат нови одговори, но не смеат да ги ограничат и релативизираат човековите права.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

 

 

 

 

 

 
Click