Активности



Вторник, 1 октомври 2013 година

Европратениците Кестлер и Келам поддржувачи на Македонија за членство во ЕУ

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска, копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, г. Кенан Хасипи и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, остварија одделни средби со европратениците: г. Мартин Кестлер од Германија и г. Туне Келам од Естонија.

Госпоѓа Радмила Шекеринска, во своето воведно излагање, им посака пријатно добредојде на европратениците, воедно ги запозна со составот и работата на Советот.

Таа истакна дека Република Македонија останува обединета по прашањето за Европската унија, меѓутоа неотпочнувањето на преговорите само ги поткопува постигнатите реформи. Националниот совет се труди да го надмине тој јазол и да се донесе решение.

Европратеникот Кестлер искажа благодарност за средбата, посочувајќи дека како дел од неформалната Група на пријатели на Македонија во Европскиот парламент, ќе ја зацврстат презентацијата на Македонија на сите нивоа и понуди помош во текот на Грчкото претседателство со Советот, кое ќе стартува во јануари 2014 година.

Членовите на Европскиот парламент го поздравија моментот на потпишувањето на  Меморандумот за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија од страна на политичките партии на Република Македонија.

Беше разгледано и прашањето за името, настаните од 24 декември, како и препораките кои произлегоа од нив, за Македонија и понатаму останува двојниот пристап, справувањето со грчкото вето од една страна и спроведувањето на реформите од друга страна.

На средбата со европратениците, г. Кенан Хасипи, од името на МПК и од свое лично име, ја поздрави можноста за оваа средба и посочи дека високо се цени нивниот ангажман, особено активностите што ги преземаат германските пратеници, со кои искрено сакаат да ѝ помогнат на Република Македонија и на Парламентот во евроинтеграциите. 

Беше истакнато дека Република Македонија ги исполни сите реформски приоритети во рамките на Претпристапниот дијалог на високо нив, што резултираше со позитивен пролетен Извештај на Европската комисија, спроведе фер и конкурентни локални избори, започна со работа и Анкетната комисија за расветлување на настаните од 24 декември од чија работа произлезе конкретен извештај со препораки.

Господин Хасипи потсети и на одржаниот 11. состанок на МПК во Стразбур, како еден од најуспешните, како и на неодамна потпишаниот Меморандум од политичките партии.

Европратеникот Кестлер посочи дека високо ги цени напорите кои Македонија ги вложува не само на политичко поле, туку и на правото, особено на правото на ЕУ, воедно изрази поддршка и поставување на македонското прашање на сите состаноци во Стразбур и пленарната седница, како и на претстојниот декемвриски самит и можноста за напредок.

Она што ѝ претстои на Македонија во текот на месецот е објавувањето на новиот извештај на Еврокомисијата за напредокот и одржувањето на 12. состанок на МПК-ЕУ – посочи г. Хасипи.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, заблагодарувајќи им се на европратениците за поддршката од Германија и Естонија, ги информира дека политичките партии на Република Македонија потпишаа Меморандум за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија.

Тој, исто така, ја спомена состојбата на долгогодишно чекање на Република Македонија пред вратите на Европската унија и НАТО, единствено поради спорот за името со Република Грција, и покрај исполнувањето на реформите и критериумите од Копенхаген и позитивните извештаи од Европската комисија.

Германскиот европратеник, г. Мартин Кеслер, потенцира дека Европскиот парламент е најголем пријател на Македонија за членство во ЕУ, но дека грчките пратеници, иако се од различни партии и имаат различни гледишта по многу прашања, по прашањето за името се едногласни. Тој истакна дека тоа прашање е тешко и за нив како европратеници и дека ја разбира фрустрацијата која се јавува кај македонските граѓани поради недобивањето датум за старт на преговори.

Од своја страна, претставникот на Естонија во Европарламентот, г. Туне Келам, го пофали потпишувањето  на Меморандумот, како доказ дека Македонија е обединета по прашањето за вклучување во големото европско семејство. Тој истакна дека клучно е да се напредува, дека подготовките кои ги прави земјата, преку исполнување на условите, се многу корисни за неа, без разлика на тоа што сè уште не сме дел од Унијата.

На крајот од средбата, г. Мисини, велејќи дека пријателите на Република Македонија од ден на ден се во сè поголем број, заклучи дека ќе се продолжи реформскиот пат, бидејќи членството во ЕУ и НАТО е високо на агендата на Република Македонија.

Click