Активности



Вторник, 3 декември 2013 година

Германија е поборник за евроинтеграција на Западен Балкан

Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева и пратениците: г-ца Христина Рунчева, г. Илија Димовски и г. Александар Спасеновски, остварија средба со г. Дејвид Џејмс Мекалистер, претседател на ЦДУ во Долна Саксонија и г-ѓа Ања Чимек, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“.

Присутните изразија задоволство од средбата, од можноста да разменат искуства, како и благодарност до Фондацијата „Конрад Аденауер“, која ги зближува двете пријателски земји.

Координаторот Бонева истакна дека пет години по ред Република Македонија добива препораки од Европската комисија за почеток на преговори за членство во Европската унија, но поради спорот за името со Република Грција, нашата земја сè уште е пред вратите на ЕУ.

Таа упати молба до сестринската партија ЦДУ и до Германија како земја-членка и столб на Унијата, во рамките на своите можности, преку Бундестагот, да изврши притисок да се дозволи Република Македонија да го стартува процесот на преговори и во порелаксирана атмосфера да се решава прашањето за името, додавајќи дека Грција треба да го почитува меѓународното право, пресудата од Хаг и времената спогодба.

Господинот Дејвид Џејмс Мекалистер, кој е кандидат за пратеник на претстојните избори на Европскиот парламент, ги информира македонските пратеници дека е во посета на Регионот, при што сака да се запознае со ситуацијата во Македонија, како земја-кандидат за ЕУ членство.

Тој истакна дека политиката на проширување на ЕУ е дека ќе бидат примени само земјите кои комплетно ќе ги исполнат условите и дека Унијата, по искуството со раниот прием на Бугарија и Романија, сега е многу попретпазлива.

Сепак, тој беше дециден дека Германија е поборник за европска интеграција на Западен Балкан кој е срцето на Европа.

Тој посоветува Македонија да продолжи по евроинтегративниот пат, да ги исполнува препораките и спроведува реформите, да го зајакне меѓупартиското почитување и толеранција и да ги развива доброседските односи, а Германија ќе води разумна политика во однос на македонско-грчкиот спор.

Македонските пратеници изразија надеж дека Германија ќе ги преземе вистинските чекори во интерес на стабилноста и безбедноста на Регионот и дека Македонија ќе остане во фокусот на интерес на г. Мекалистер и кога ќе стане европратеник и очекуваат негово лобирање за Република Македонија во европскиот законодавен дом.

Click