Активности

Четврток, 20 јуни 2013 година, Брисел

Учество на пратеникот Илија Димовски на состанок на Поткомитетот за човекови права и на втората конференција за слободата на изразување и медиуми во Западен Балкан и Турција

На 19 јуни, во седиштето на Европскиот парламент во Брисел, се одржa состанок на Поткомитетот за човекови права на кој се разменија мислења за законскиот аспект на слободата на медиумите во Западен Балкан и Турција. Со Поткомитетот претседаваше пратеникот во Европскиот парламент, г-ѓа Барбара Лочбилер.

Собранието на Република Македонија го претставуваше пратеникот г. Илија Димовски, кој во своето обраќање ги истакна достигнувањата на земјата во областа на декриминилизацијата на клеветата преку усвојувањето на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреди и измените на Кривичниот законик. Бројот на запрени кривични постапки го посочи како доказ за имплементација на новата регулатива и го изрази своето очекување дека по долгата јавна распава за Нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни услуги, во соработка со медиумите, меѓународните организации и сите засегнати страни ќе се донесе закон кој дополнително ќе ја гарантира слободата на изразување и положбата на медиумите.

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, г. Ричард Ховит, поздравувајќи ги напорите кои земјата ги презема, темата ја оцени како подеднакво важна за сите земји од регионот, а дијалогот меѓу властите и медиумите како услов за успешна подготовка и имплементација на регулативите.

Покрај пратеници од националните парламенти и членовите на Поткомитетот, на состанокот учествуваа и известувачот на Парламентарното собрание на Советот на Европа за заштита на медиумите, г. Гвоздан Флего, генералниот директор на Европската унија за јавен сервис, г-ѓа Ингрид Делтенре и извршен директор на Здружението на новинари на Македонија, г. Драган Секуловски.

По настанот, г. Димовски оствари неформални средби со г. Ховит и европскиот комесар за проширување, г. Штефан Филе, на кои стана збор за актуелната состојба во Република Македонија. 

Денеска пратеникот присуствуваше на втората конференција за слободата на изразување и медиуми во Западен Балкан и Турција, „Проговори“, во организација на Европската комисија.

На отворањето на Конференцијата, г. Штефан Филе, зборувајќи за состојбата во Турција истакна дека слободата на изразување во една земја како фундаментална вредност е показател за состојбата на демократијата во општеството, а стандардите за слободата на медиумите и изразувањето треба да важат, како за земјите-кандидати за членство, така и за земјите-членки на Унијата. 

Европратеникот г. Едуард Кукан ја истакна улогата на парламентите и нивната надзорната улога во реалното спроведување на законите за медиумите.

Предвидено е од Конференцијата да произлезат заклучоци за идно унапредување на слободата на медиумите во земјите од регионот.
Click