Активности



Среда, 5 јуни 2013 година

Јавна расправа на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, во рамките на вчерашната Триесет и прва седница, одржа Јавна расправа по Предлогот на законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост (скратена постапка).

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Зоран Коњановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој даде воведно образложение по Предлог-законот.

Меѓу другото, тој посочи дека со Предлог-законот се отвора можност за земјоделците кои го работат земјоделското земјиште да можат да го купат земјиштето на јавен и транспарентен начин. Исто така, заменик-министерот Коњановски истакна дека овој Предлог-закон е напишан по бројни средби и разговори со земјоделците, одржана Јавна расправа и дека во него се вметнати дополнителни елементи на барање на земјоделците.

Претседателот на Комисијата, г-ѓа Ленче Николовска, во своето излагање, го искажа мислењето дека овој закон е погрешен и дека треба да биде повлечен од процедура. Таа укажа дека ваков закон не треба да се носи по скратена постапка, истиот да се донесе во редовна процедура и да се посвети повеќе внимание при донесувањето на ваков закон за да се запознае јавноста со истиот. 

На јавната расправа, со своја дискусија, учествуваа и: г. Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци; г. Петар Стојкоски, претседател на Регионален сојуз на земјоделци Клас – Прилеп; г. Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикатот на земјоделски производители; проф. д-р Живко Давчев, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје; пратениците: г. Марјанчо Николов, г-ѓа Станка Анастасова, г. Малиша Станковиќ, г. Реџаиљ Исмаили, г. Ромео Тренов, г. Панче Орцев, г. Панче Дамески, г-ѓа Цветанка Иванова и г. Димитар Стевананџија.
 
Врз основа на мислењата, предлозите и ставовите кои беа изнесени на јавната расправа, матичното работно тело, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, подготви Извештај, кој го достави до Собранието на Република Македонија.

 

 

Click