Активности

Понеделник, 25 февруари 2013 година, Брисел

Учество на Делегација на Комисијата за економски прашања на Парламентарен семинар за енергетска политика

Делегација на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот на Комисијата, г-ѓа Владанка Авировиќ, а во состав: г. Малиша Станковиќ, заменик на претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Реџаил Исмаили и г. Драган Цуклев, на 21 и 22 февруари 2013 година престојуваше во Брисел, Кралството Белгија. За време на посетата, Делегацијата учествуваше на Парламентарен семинар на тема „Енергетската политика на ЕУ и нејзиното влијание врз земјите во претпристапен процес” во Европскиот парламент.

На семинарот учествуваа пратеници од парламентите на земјите во претпристапен процес, од Европскиот парламент, како и експерти од областа на енергетиката.

Претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, во своето излагање ја истакна важноста на парламентарниот семинар. Беше истакнато дека Република Македонија, како држава-кандидат за полноправно членство во Европската унија, е исправена пред предизвиците на ефикасно спроведување на сериозни реформи во општествениот систем.

Аспирациите за членството во Европската унија нужно значат и свест за потребата од исполнување на стандардите во повеќето области, од кои особено значење има енергетската област.

Принципите за соработка со Европската унија во енергетскиот сектор е предвидено да ги одразуваат начелата на пазарната економија и Договорот за енергетска повелба. Потполната либерализација на пазарите на електрична енергија и гас треба да биде завршена до јануари 2015 година.

Со стратегијата за развој на енергетиката е дефиниран најпогодниот долгорочен развој на енергетскиот сектор во Република Македонија со цел да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија, усвојувајќи ги следните приоритети, а тоа се: одржување, ревитализација и модернизација на постојната и изградба на нова современа инфраструктура за потребите на производството и искористување на енергијата; користење на домашните ресурси (резервите на лигнит, хидроенергетскиот потенцијал и сончевата енергија); зголемување на користењето на обновливите извори на енергија, како и воспоставување на економска цена на енергијата.

Госпоѓа Авировиќ посебен акцент даде на искористувањето на обновливите извори на енергија, од аспект дека Република Македонија од 365 дена во годината има скоро 300 сончеви денови.

Од аспект на обновливите извори на енергија, покрај големите хидроелектрани, се планира изградба на мали хидроелектрани и ветерни електрани.

Република Македонија го има усвоено првиот Акционен план за енергетска ефикасност и во текот на 2013 година ќе отпочне со подготовка на вториот Акционен план.

Во однос на донесувањето на Законот за енергетика, целта беше натамошно усогласување со европското законодавство, односно истиот е изработен согласно обврските кои ги има Република Македонија во процесот за пристапување кон Европската унија, односно Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, како и врз основа на  Договорот за основање на енергетска заедница.  
Click