Активности



Среда, 16 октомври 2013 година

Комисијата за европски прашања оствари средба со потпретседателот Вендерлих

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија оствари средба со потпретседателот на Сејмот на Република Полска, г. Јежи Вендерлих.

На средбата, покрај претседателот на Комисијата, г. Хајрула Мисини, присуствуваа и членовите: г-ѓа Силвана Бонева, г. Павле Трајанов, г. Миле Пачемски, г. Јани Макрадули, г. Гордан Георгиев, г. Антонио Милошоски и г-ѓа Владанка Авировиќ.

Во своето воведно излагање, претседателот Мисини изрази задоволство за посетата на нашата држава, токму во моментот кога се објави Годишниот извештај за напредокот на Република Македонија за 2013 година. Тој посочи дека за нас е значајна поддршката што ни ја дава Полска за нашите евроатлантски интеграции, како земја-членка на ЕУ, наш пријател, но и поборник за политиката на отворени врати во евроатланските структури.

Потпретседателот Вендерлих изрази задоволство од средбата, како и пријателските односи помеѓу двете држави, воедно упати поддршка на Македонија и нејзината национална гордост во процесот на ЕУ интеграцијата.

Тој пред присутните ги сподели искуствата на Полска на патот кон ЕУ при надминување на проблемите со Германија и Украина, посочувајќи го компромисот како еден од најдобрите можни решенија, но компромис на двете страни. Воедно, повика и за вклученост на опозицијата и етничките малцинства во Македонија во сите евроатлантски процеси.

Присутните посочија дека ова е по петти пат како Европската комисија препорачува отворање на пристапните преговори за членство во Европската унија, но прашањето за името и понатаму останува пречка за нивно отворање.

Воедно, изразија жалење и за непочитувањето на Привремената билатерална спогодба од 1995  година, со која Грција се обврза да не го блокира македонското членство во меѓународни организации, како и Одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

На крајот, беше посочено дека секогаш имало и ќе има разлики на сите нивоа, но тоа во што сме обединети се надворешните политички приоритети на државата и јасно изразените цели да се стане членка на ЕУ и НАТО.

Click