Активности



Понеделник, 18 февруари 20013 година

Комуникацијата меѓу Македонија и Грција е неопходна

Македонија и Грција сакаат да се најде заемно прифатливо решение за спорот со името и токму затоа комуникацијата меѓу нив е неопходна – беше истакнато на средбата на претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини, со амбасадорот на Република Грција во Република Македонија, Н.Е. Харис Лалакос.

Двајцата соговорници беа едногласни дека соседите се оние кои треба да си помагаат и изразија верба во надминување на спорното прашање и покрај неговата комплексност.

На почетокот од средбата, г. Мисини му посака добредојде на грчкиот амбасадор во Република Македонија и го запозна со работата на Комисијата за европски прашања, но и со функционирањето на Националниот совет за евроинтеграции во Македонското собрание.

Притоа, г. Мисини го информира гостинот дека нашата земја се наоѓа пред локални избори и потсети дека од 2005 година имаме статус земја-кандидат за членство во Европската унија, дека четирипати добиваме препорака за започнување на преговори, но сè уште не сме започнале, како и за тоа дека водиме Пристапен дијалог на високо ниво со ЕУ.

Амбасадорот Лалакос истакна дека е негова обврска да биде мост за подобра соработка меѓу Парламентите, парламентарните комисии и Европа. Грција, како дел од европското семејство, се залага и ја смета за неопходна евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.

Во тој контекст, г. Мисини додаде дека членството на Република Македонија во eвроатланските структури ќе придонесе за стабилностоста на земјата, но ќе биде и во корист на соседните земји, како и на Европа.

На крајот, двете страни изразија задоволство од средбата и надеж дека меѓусебната соработка, не само што ќе продолжи, туку и ќе се надгради во иднина.

Click