Активности



Четврток, 23 мај 2013 година

Евроинтеграцијата - единствена алтернатива и за Македонија и за Косово

Делегацијата од Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, во состав: г. Хајрула Мисини, претседател на Комисијата за европски прашања; г. Јани Макрадули, потпретседател на Собранието на Република Македонија; г. Миле Пачемски и г. Орхан Ибраими, членови на Комисијата за европски прашања, денеска, за време на билатералната посета на Република Косово, остварија работни состаноци со претседателот на Парламентот на Република Косово, г. Јакуп Красниќи; со Комисијата за европски прашања на Косовскиот парламент; со министерот за евроинтеграции, г-ѓа Влора Читаку и со претседателот на Република Косово, г-ѓа Атифете Јахјага.

На средбите беа потврдени добрососедските односи меѓу нашите две држави и беше истакната интенцијата за продлабочување на севкупната билатерална соработка. Во тој контекст беа споменати бројните официјални посети меѓу двете држави на највисоко ниво.

Од страна на соговорниците беше нагласено дека Република Македонија и Република Косово го имаат положено испитот за негување на добрососедските односи, за што говорат и 25. потпишани меѓусебни договори од сите сфери, признавањето на независноста на Република Косово, а отворањето на граничниот премин Белановце-Станчич ќе демонстрира продолжување на позитивниот тренд на негување на тие односи.

Кога станува збор за евроинтеграциските процеси, беше констатирано дека за двете земји интеграцијата во ЕУ и НАТО структурите е единствена алтернатива и сите чекори кои треба да бидат преземени мора да бидат во таа насока.

Особено беше истакната подготвеноста да ги споделиме сите досегашни искуства во однос на евроинтеграцискиот процес и дека Република Македонија е подготвена во сите сегменти да помогне за интегрирањето на Република Косово во ЕУ и НАТО.

За време на разговорите беше дискутирано за иницијативата на претседателот на Комисијата за евроинтеграции на Парламентот на Република Косово, г. Хазири, Комисијата да стане рамноправна учесничка на Конференцијата на комисии за европски прашања во процесот за стабилизација и асоцијација на земјите од Југоисточна Европа-КОСАП.

Во однос на ова прашање, беше информирано дека Скопје ќе биде домаќин на КОСАП во септември и дека ќе бидат направени сите напори оваа иницијатива да биде реализирана.

Click