Активности

Понеделник, 8 јули 2013 година, Вилнис, Литванија
 
Литванија ќе се залага за кредибилна, развојна и отворена Европа
 
Во рамките на литванското претседателство со ЕУ во Вилнис, денеска се одржува Конференицијата на комисиите за европски прашања на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидатки - КОСАК.

За време на кoнференцијата свое обраќање имаше министерот за надворешни работи на Литванија, г. Линас Линкевициус, кој ги претстави програмата и приоритетите на литванското претседателство, при што информираше дека Литванија ќе се залага за кредибилна, развојна и отворена Европа.

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини, се обрати пред своите колеги, учесници на КОСАК и со големо задоволство ѝ го честиташе претседателството на Литванија со ЕУ, за прв пат откако стана членка на Унијата.

Исто така, ѝ честиташе на Република Хрватска за нејзиното зачленување во ЕУ како 28. земја-членка, а за Република Србија и Република Косово изрази задоволство за постигнатиот договор, при што оцени дека истиот ќе им донесе бенефит и на двете држави кога станува збор за нивната евроинтеграција.

Мисини го поздрави позитивниот и проактивен однос кој КОСАК го има во врска со политиката на проширувањето, а особено за поддршката која КОСАК ѝ ја дава на Република Македонија и во оваа прилика се заблагодари за придонесите и заклучоците кои КОСАК ги донесе на претпоследниот состанок во Даблин, во кои повикува на неодложен старт на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија.

На крајот од своето излагање, г. Мисини ѝ се заблагодари и на Република Литванија и на останатите балтички земји (Летонија и Естонија), кои не само декларативно ја поддржуваат Република Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, мислејќи на Заедничката декларација која Комисиите за европски прашања на овие земји заеднички ја усвоија, во која нагласуваат дека проблемот со името не смее и не треба да биде пречка за продлабочување на нашиот евроинтегративен процес. Од говорницата повика и останатите земји-членки на ЕУ да го следат овој пример.

Конференцијата продолжува денеска со дебата за создавање на посилна и поконкурентна Европска унија.

 
Click