Активности

Петок, 6 септември 2013 година, Вилнус, Литванија

Учество на Интерпарламентарната конференција за заедничка надворешна и безбедносна политика и заедничка безбедносна и одбранбена политика

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, г. Антонио Милошоски, од 4 до 6 септември учествува на Интерпарламентарната конференција за заедничка надворешна и безбедносна политика и заедничка безбедносна и одбранбена политика, која во рамките на литванското претседателство со Европската унија, се одржува во Вилнус, Литванија.

На конференцијата главни обраќања имаа претседателот на Република Литванија, г-ѓа Далија Грибаускаите, министерот за надворешни работи на Република Литванија, г. Линас Линкевичиус, Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија, г-ѓа Кетрин Ештон, генералниот-секретар на НАТО, г. Андерс Расмусен како и претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, г. Елмар Брок.

Меѓу другото, на конференцијата беа презентирани приоритетите на Литванското претседателство, а стана збор и за заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија за време на претседавањето на Литванија со Советот на Европската унија.

Претседателот на комисијата, г. Антонио Милошоски, оствари и неформални средби со повеќе колеги парламентарци од земјите-членки на Европската унија, како и земјите-членки на Алијансата.

 
Click