Активности



Понеделник, 7 октомври 2013 година

Министрите за надворешни работи на Литванија и Романија со пријателски и јасни пораки до Македонија

Претседателите на: Националниот совет за евроинтеграции,  г-ѓа Радмила Шекеринска; Комисијата за надворешна политика, г. Антонио Милошоски и  Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет со Европската унија, г. Кенан Хасипи, како и членот на Комисијата за европски прашања, г-ѓа Дешира Имери, остварија средба со  г. Линас Линкевичиус, министер за надворешни работи на Република Литванија и претседавач со Советот на Европската унија и г. Титус Корлацеан, министер за надворешни работи на Романија и претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Во своето поздравно обраќање, г-ѓа Радмила Шекеринска им посака добредојде на гостите во свое и од име на присутните, накусо ги запозна со работата и функционирањето на Советот.

Во фокусот на средбата беа прашањето за името, настаните од 24 декември, постигнатите реформски приоритети во рамките на Претпристапниот дијалог на високо ниво, како и позитивните извештаи за напредокот на Република Македонија од страна на Европската комисија.

Господин Линкевичиус ја истакна поддршката за Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, воедно го поздрави напредокот на Договорот од 1 март и продолжувањето на работата на Парламентот, како и потпишувањето на Меморандумот за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во ЕУ од страна на политичките партии на Република Македонија.

Претседателот Хасипи нагласи дека Република Македонија високо го цени ставот на Литванското претседателство дека процесот на проширување мора да остане кредибилен за сите држави-аспиранти, воедно потсетувајќи на минатогодишната иницијатива на трите претседатели на Комисиите за европски прашања на Литванија, Летонија и Естонија, како и донесувањето на Заедничката изјава за отпочнување на преговори за членство на Македонија, поднесена до Данското претседателство.

Господин Корлацеан посочи дека во центарот на вниманието е регионалната соработка како многу важна, истакнувајќи дека ја разбира историјата на нашата земја. Тој посочи дека во интерес на Романија е да се постигне позитивна атмосфера и дека особено се важни преговорите со Грција и Бугарија.

Министрите за надворешни работи на Литванија и Романија упатија пријателски и јасни пораки до Македонија, со препораки за поголема посветеност на прашањето за медиумите и слободата на новинарите, кое е од голема важност, како и постигнување на билатерален договор за спорот со името.

Click