Активности

Петок, 26 јули 2013 година
 
прво продолжение од надзорната расправа на тема „Користење на фондовите од Инструментот за претпристапна помош-ИПА во Република Македонија“

Комисијата за европски прашања на 26 јули, во рамките на 42. седница, го одржа првото продолжение на надзорната расправа на тема „Користење на фондовите од Инструментот за претпристапна помош-ИПА во Република Македонија“.

На расправата, покрај претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, присуствуваа и членовите на Комисијата и други пратеници, како и г. Мартин Клауке од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и претставници од Канцеларијата на НДИ во Скопје.

Со седницата претседаваше претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, кој даде кратко потсетување за целта на надзорната расправа, согласно законските прописи во Република Македонија.

На денешното прво продолжение на надзорната расправа на Комисијата, во улога на сведоци, усни искази дадоа г. Ризван  Сулејмани од Охрид - Институт за економски стратегии и меѓународни односи, г-ѓа Радица Коцева, раководител на Секторот за централно финансирање и склучување на договори и г. Фатмир Адеми, национален координатор за авторизација (НАО) во Министерство за финансии.

Во текот на расправата прашања поставија членовите на Комисијата за европски прашања, г-ѓа Силвана Бонева, г-ѓа Дешира Имери, г-ѓа Владанка Авировиќ, како и  пратениците г. Рејхан Дурмиши и г. Беким Ќоку, на кои што сведоците одговорија  усмено, а на неодговорените прашања најавија писмени одговори.

Пратениците, меѓу другото, побараа повеќе одговори во однос на: степенот на  искористеноста, односно неискористеноста на 622,5 милиони евра доделени од Европската унија за ИПА I фондовите (за периодот од 2007-2013), за  институционалниот  капацитет за нивно искористување и  во таа насока за  ефикасноста на  администрацијата, како за националната структура на вработените во Секторот за централно финансирање и склучување на договори, како и во  Секторот за авторизација (НАО) во Министерство за финансии.

По исцрпување на листата на повикани учесници (сведоци), претседателот на Комисијата, г. Мисини информира дека  надзорната расправа ќе продолжи во септември  со ислушување на исказите на останатите учесници (сведоци) повикани од Комисијата за европски прашања,  а кои  дополнително  ќе бидат утврдени  на координација со членовите на Комисијата.

 
Click